Телематикс системот и осигурување – начин на функционирање во иднина

258

Порталот ResearchAndMarkets.com објави дека до 2024 година се очекува околу 339 милиони возила да имаат системи за конекција и следење на навиките на возачите т.е. Телематикс. Импозантната бројка во предвидувањето значи дека без малку една четвртина од сите возила во светот ќе имаат Телематикс. За да се оствари ова предвидување веројатно е дека повеќето од производителите ќе започнат со пре-инсталација на вакви системи.

Што е Телематикс?

Телематикс е термин од далечната 1978 година, којшто имал за цел да го предвиди спојувањето на информатиката и телекомуникациите. Терминот првично требал да означува термин за сите ИТ системи коишто се поврзани на мрежа. Сепак, веќе е етаблиран термин за оваа намена е – Internet of things (IOT). Поради тоа, денес, Телематикс го означува поврзувањето на интелигентни системи во автомобилите коишто се поврзани на интернет. Ова подразбира широка палета на технолошки решенија – некои од нив се со цел да го намалат времето на реакција на амбулантните возила. Дел од овие решенија се за поврат на скапи возила. Во нашиот регион најпозната таква компанија е словенската CVS mobile, којашто може да ги лоцира скапите украдени возила. Секако, меѓу првите корисници се и компаниите за изнајмување на возила.

Телематикс и осигурување

Сепак, се очекува најмногу да се користи во осигурителната индустрија. Над 45% од осигурителните компании во светот имаат веќе преземено чекори за да разработат свои Телематикс решенија според извештајот на PWC. Со Телематикс уредите цената за осигурување е – плати колку што си користел. Во моментов ваквите модели на осигурување тежат 34 милијарди долари, додека се очекува овој тип на осигурување да расте и да достигне 107 милијарди долари до 2024 година. Иако ова се мали бројки споредено со вкупниот осигурителен пазар којшто за прв пат годинава го премина прагот од пет илјади милијарди долари т.е. 6,2% од вкупниот светскиот бруто домашен производ. Сепак трендот е дигитализација и вмрежување на возилата, а возилата сè уште претставуваат доминантен сегмент од вкупното осигурување.