Министерството за надворешни работи (МНР) продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на корона вирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање. Во тој контекст, посебно внимание се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја – посебно во градот Вухан и поширокото подрачје. Исто така, Министерството, преку Амбасадата во Пекинг, е во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во Кина.
Министерството укажува дека во моментов не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина. Во случај на нивно организирање, Амбасадата на Република Северна Македонија навремено ќе ги информира македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Народна Република Кина и ќе ги извести за потребната процедура.
Нашите државјани, по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање.
Фото: Pexels