Корона вирусот се шири бргу, на жители од Кина повеќе не им е дозволено да ги напуштаат своите градови, но за пратките не е одреден “карантин”, односно задржување.
Со оглед на тоа дека од Кина масовно се нарачуваат работи, особено преку интернет платформите како Ali Express, има загриженост дали корона вирусот може на тој начин да стаса до граѓаните. Досега не е објавено дека има случај или доказ дека вирусот може да се пренесе преку пакет, а состојбата со корона вирусот засега не се одразува на обемот на нарачки од Кина кај нас, пренесува МИА.
Според Пошти на РСМ, операторот преку кој кај нас стасуваат најголем број од пратките, состојбата со корона вурусот засега не се одразува со обемот на таквите нарачки.
“Во изминатиот период не е забележана тенденција на намалување на пристигнати пратки од Ali Express и според вообичената динамика се доставуваат и се подигнувааат пратките од страна на нашите корисници“, велат за МИА од Пошта на РСМ, операторот преку којшто стасуваат најголем број од пратките преку Ali Express.
Од Светскиот поштенски сојуз и надлежното Министерство за здравство, како што укажуваат, немаат добиено информација за понатамошно постапување заради корона вирусот, пишува МИА.
За разлика од кај нас, како што пишува Слободна Далмација, жители на Сплит изјавиле дека пратките првин ги стерилизираат, а има и такви кои подолго време ги чуваат настрана.
Како што објавија медиумите, изминатата недела Хрватска пошта престана да испорачува мали пакувања од Кина, каде што се појави корона вирусот, поради што повеќе од 250.000 нарачани пакети се во мирување.
“Иако авиокомпаниите првенствено ги прекинаа летовите заради патниците, тие не можат да стигнат и до Хрватска“, информираа од Хрватски пошти, откако добиле известување од KLM, Lufthansa и Turkish Airlines дека тие ги прекинале летовите кон Кина за да го спречат ширењето на корона вирусот и оти тоа ќе влијае на испораката на пратките.
Претходно и Јавното претпријатие Пошта на Србија ги информира своите корисници за промени во деловната соработка со Кина поради откажаните летови како резултат на корона ворусот.
“Пошта Србија е информирана од авиопревозниците Lufthansa и LOT дека заради превенција од опасноста за ширење на корона вирусот летовите кон Кина се откажани и тоа ќе влијае на вообичаеното поштенско работење во размената на пратките. Поради тоа ги молиме корисниците на услугите на Пошта Србија за разбирање, а за сите промени ќе ве информираме навреме“, стои во соопштението објавено на веб-страницата на Пошта Србија.
Светската здравствена организација (СЗО) на почетокот на месецов соопшти дека примачите на пратки и писма од Кина не се изложени на ризик од зараза од корона вирус.
“Според последните анализи вирусот не живее долго на површината на предметите, како што се писма или пакети“, објави СЗО.
Како што истакна на прес-конференција директорката на Центарот за имунизација и респираторни болести Ненси Месони, овој вирус не може да преживее на површина на предмети и “многу е мал ризикот вирусите да се рашират од пакувањето на пакети кои патувале со денови или недели на собни температури”. На пратките од Кина им се потребни најмалку два дена за да стасаат на која било адреса и според експертите, шансите со нив да стаса корона вирус се речиси никакви, наведе Месони.
Според Светската здравствена организација, регистрирани се 34.000 потврдени случаи на заболени од коронавирус во Кина и 717 починати.
Во 27 други земји во светот досега се забележани 320 случаи на заразени од корона вирусот.
Симптомите на вирусот се покачена температура, кашлица, а во тешки случаи и недостиг на здив и воспаление на белите дробови.
Фото: Pexels