Можеби никогаш не сте чуле за Нерио Алесандри, но можеби сте користеле опрема за теретана којашто тој ја дизајнирал.
Алесандри е основач на компанијата Technogym, еден од најпопуларните брендови за опрема за теретана, со 50 милиони корисници ширум светот во 100 земји. Основана 1983 година, компанијата се занимава со производство на справи за вежбање.
Испорачувале велосипеди за вежбање и други производи за неколку олимписки игри, а оваа година ќе обезбедат опрема за Олимпијадата во Токио. Исто така ги спонзорира Формула 1 и фудбалски тимови.
Компанијата вреди околу 2,2 милијарди евра, а откако во мај 2016 година излезе на миланската берза, забележано е зголемување на цената на акциите за 156%.
Во разговор за CNBC, Алесандри рече дека самофинансирањето ѝ помогнало на компанијата да одржи раст. Одржувал постојан прилив на пари така што со купувачите се договарал да плаќаат половина цена за опремата однапред, а другата половина по испораката.
Тој вели дека Technogym почнал да прима инвестирање од приватен капитал пред 12 години, 25 години откако ја основал компанијата. Дел од успехот на компанијата го препишува на одржливиот и профитабилен раст.
Скромни почетоци
Алесандри почна да ги дизајнира првите прототипови на својата фитнес опрема во семејна гаража во Чезена, Италија.
Неговото семејство се занимавало со земјоделие. Алесандри во својата книга “Роден да се движам“ опишува како го одгледале родители кои немале многу пари, но кои имале достоинство. Тој вели дека брзо сфатил дека парите се голем проблем за неговото семејство, така што на 10-годишна возраст започнал да им помага на родителите, работејќи попладне пакувајќи овошје во магацинот на неговиот дедо.
На 12-годишна возраст, тој сфатил дека може да заработи дополнителни пари со употреба на својата страст за технички и механички дизајн. Тој купил касетофон од еден пријател, го преработил и го продал за повисока цена. Тој купувал предмети, ги поправал и ги подобрувал и ги продавал за повеќе пари.
Како започна со Technogym
Набргу откако завршил средно училиште, Алесандри сакаше да изгради сопствен бизнис. На почетокот, тој го испробал својот сон од детството, да стане моден дизајнер. Тој испратил писмо до легендарниот италијански дизајнер Џорџо Армани, кој отвори продавница во регионот. Но, тој никогаш не добил одговор.
Потоа се заинтересирал за светот на фитнесот откако посетил локална теретана и видел дека нуди само основна опрема. Гледајќи ја можноста да ги искористи своите вештини за дизајнирање, тој започнал да дизајнира опрема во гаражата на неговиот татко и во 1983 година, на 22-годишна возраст, ја основал Technogym.
Како што почнаа да се редат нарачки за неговите производи, Алесандри ја напушти редовната работа. Тој наскоро го преселил својот растечки бизнис од гаража во стара фабрика за душеци, а компанијата последователно забележа постојан раст.
Страст и љубопитност
Алесандри вели дека денес е важно да се одржи љубопитност и страст за бизнисот и да се работи на континуирано подобрување. Исто така, се потенцира важноста на чесноста и транспарентноста.
Фото: Facebook