Кина размислува да воведе царини на увоз на луксузни автомобили од Европа, пишува францускиот весник Les Echo.
Причина за тоа се реакциите на кинеските производители на автомобили дека европските фирми, благодарение на субвенциите на своите влади, можат да продаваат автомобили во Кина со загуба. Кинеското Министерство за трговија во моментов истражува големи европски производители на автомобили поради наводите дека ги нуделе своите автомобили под пазарните цени, пишува весникот.
Ваквата одлука најмногу ќе влијае врз германските произведувачи на Mercedes, Porsche и BMW, кои и покрај кризата успеваат да ја зголемат продажбата токму поради кинескиот пазар.
Произведувачите на автомобили, особено оние од Германија, оваа закана ја сфаќаат сериозно, изјави портпарол на Европската асоцијација на производители на автомобили за Ројтерс.
Со ова се зголемува тензијата меѓу Кина и Европската унија. Брисел на 6 јуни воведе казнени тарифи за увоз на соларни панели од Кина. Кина смета дека ваквиот потег е нефер и објави дека ќе наметне повисоки царински давачки за европското вино.