Работа од дома: За некого идеално решение, за други не баш

118

Работодавачите во последните недели забрзано бараа технички решенија за работа од дома и денес стотици милиони лица работат од дома. За да се спречи агресивно ширење на вирусот, работата од дома се чини е единствен избор. Дури и пред да избие пандемијата, работата од дома почна да добива на популарност. Во последните 15 години, како што пишува Јутарњи лист, се проценува дека работата од дома е двојно зголемена, особено во земји како што се Холандија и Финска.

Според податоците на Eurostat од 2018-та година, во овие две земји од дома работеле околу 14% од вработените. Таквиот начин на работа бил најмалку застапен во Бугарија (0,2%) и во Романија (0,4%).

Голема е веројатноста по завршување на пандемијата, многу компании да ги увидат предностите од таквиот начин на работа, но и некои недостатоци. Во документот Дали функционира работата од дома од 2016-та година на група економисти се наведува примерот на кинеската туристичка агенција Ctrip, којашто вработува 16.000 лица. лицата кои работеле во кол центарот биле испратени да работат од дома. На почетокот на експериментот изгледал како win win ситуација и за работниците и за работодавачите.

Вработените работеле повеќе, помалку се изостанувало од работа и тие биле позадоволни, а компанијата заштедила повеќе од 1.000 долари по вработен. Но, кога Ctrip политиката за работа од дома ја пренел врз сите вработени во компанијата, ситуацијата не била иста. Луѓето се жалеле дека се осамени, ги прекинале социјалните контакти што им биле неопходни за продуктивна тимска работа и се соочиле со недостиг од креативност.

Онлајн комуникацијата не може да ја обезбеди потребната психолошка сигурност за отворена комуникација. На тој начин се губи, на пример, духовитоста бидејќи напишаната и изговорената мисла може да имаат различно значење.

За да се задржи креативноста и продуктивноста на вработените, од работодавачите се очекува поголемо прилагодување кон новите услови за работа. Тоа вклучува подобра проценка на продуктивноста на работата од дома. Наместо присуство во канцелариите, важни се остварените задачи. Освен тоа, се препорачува одржување на видео конференции или некои други начини на комуникација преку кои вработените ќе може да разговараат лице в лице, да ги кажат своите идеи и веднаш да добијат реакција (одобрување, негирање…).

Фото: Pixabay