Владата и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), најодговорно тврдат дека во нашата држава нема пуштено во употреба 5G мрежа. Дополнително, ги информираат граѓаните дека надлежните институции немаат спроведено постапка за доделување на фреквенции за 5G мрежа. Од тука сите грижи за ефектите од 5G мрежата врз здравјето на граѓаните се неосновани, стои во соопштението.
Информациите кои се појавија во јавноста, дека деновиве се прават тестирања се неточни. Во нашата држава досега се направени само две тестирања и тоа, едно во 2018-та година во ограничени и строго контролирани лабораториски услови и второ тестирање во 2019-та година, на ограничен простор.
“Ги повикуваме сите извори на лажни вести, да престанат со објавување на дезинформации кои имаат единствена цел да создаваат недоверба и паника кај граѓаните. Исто така, апелираме сите граѓани внимателно да бираат од каде се информираат и да ги проверуваат изворите на информации. Лажните вести имаат непроценлива штета, особено во вонредни ситуации како што е оваа со коронавирусот и кај нас и во светот, и одговорноста е на сите нас да придонесеме кон намалување на ризиците. Тоа може да го направиме само ако сме доволно и точно информирани, од релевантни и проверени извори“, стои во соопштението на МИОА.
Фото: Pixabay