Менаџерите на Тутунски комбинат со минимална плата, разликата ќе ја донираат

70

Одбор на директори на Тутунски комбинат АД Прилеп (ТКП) донесе одлука на целокупниот менаџмент во компанијата за месец април да му биде исплатена минимална плата во висина од 14.500 денари. Според донесената одлука која е во согласност со усвоените економски мерки од страна на Владата за справување со кризата од СОVІD -19, минимална плата ќе добиваат сите извршни членови на Одборот на директори, како и лица со посебни овластувања и одговорности – раководни лица. Ист износ ќе примаат и неизвршните членови на Одборот на директори кои во нормални околности примаат месечен паушал, стои во соопштението.

Со донесената одлука, исто така, се утврдува разликата до целосниот износ на плата, односно паричен надоместок за менаџерскиот тим да бидат уплатени на посебната наменска сметка на солидарниот СОVІD -19 фонд, којшто е формиран од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Поради настанатата ситуација, а во согласност и со препораките и мерките на Владата за справување и спречување на ширењето на болеста COVID-19, донесена е одлука согласно одредбите од Колективниот договор со Синдикатот на ТКП, дел од вработените, администрација, заради намалување на трошоците во друштвото, да користат платен вонреден одмор. Притоа, за администрацијата тој ќе биде со траење од еден месец, а за дел од вработените од Погон Тутун ќе трае 20 дена. Во овој период ќе им биде исплаќан надоместок на плата од 80% согласно одредбите Колективниот договор и Законот за работните односи.

Тутунскиот комбинат од Прилеп, како акционерско друштво целосно во државна сопственост, за првпат по речиси две децении минатата година ја заврши со добивка од над 39 милиони денари. Како одговорна компанија ТКП ги повикува и останатите компании во државна сопственост во моменти кога е потребна солидарност да го сторат истото.

Фото: Pixabay