Светот се соочува со невидена закана од пандемијата КОВИД-19, предизвикана од вирусот SARS-КоV-2 (наречен вирус KОВИД-19). Многу земји ги следат советите на Светската здравствена организација (СЗО) во врска со воведувањето мерки за физичко растојание како еден од начините на кои може да се намали пренесувањето на болеста. Примената на овие мерки резултираше со затворање на многу бизниси, училишта и факултети и ограничувања на патувањата и социјалните собири. За некои луѓе, кои работат од дома, работа преку телефон и преку интернет или дискусиите и состаноците на интернет сега се нормални практики.
Сепак, персоналот во прехранбената индустрија нема можност да работи од дома и од него се бара да продолжи да работи на вообичаените работни места. Одржувањето на сите работници здрави и безбедни во синџирот на производство и снабдување е клучно за да се надмине сегашната пандемија. Одржувањето на движењето на храната во синџирот на исхрана е суштинска функција за која треба да придонесат сите засегнати страни во синџирот на исхрана. Ова е исто така потребно за да се одржи довербата на потрошувачите во безбедноста и достапноста на храната.
Прехранбената индустрија треба да има системи за управување со безбедност на храната (СУБХ) засновани врз принципите на анализа на опасност и критична контролна точка (HACCP) за управување со ризиците за безбедност на храната и спречување на контаминирање на храната. Прехранбената индустрија е поткрепена со предусловни програми кои вклучуваат добри хигиенски практики, чистење и дезинфекција, зонирање на области за преработка, контрола на добавувачите, складирање, дистрибуција и транспорт, хигиена на персоналот и прилагодување на работата – сите основни услови и активности потребни за одржување на хигиенска околина за преработка на храна. Општите принципи на Кодексот за хигиената на храна се засноваат на спроведување на клучни контроли за хигиена во секоја фаза од синџирот на преработка, производство и рекламирање на храна за да се спречи контаминирање на храната.
Доколку бизнисот со храна има формиран тим за управување со безбедност на храната и /или HACCP, членовите на овие тимови треба да бидат вклучени во сите дискусии за да се обезбеди дека новите интервенции во поглед на безбедноста на храната се земени предвид. Ако бизнисот нема формирано ваков тим, тогаш треба да назначи едно лице одговорно за тоа дали од дополнителните мерки може да произлезат ризици по однос на безбедност на храната. Ова назначено лице мора да се поврзе и советува со надлежните институции за безбедност на храната. Во моментот постои итен услов за индустријата да обезбеди усогласеност со мерките за заштита на работниците во прехранбената индустрија од КОВИД-19, да спречи изложеност или пренесување на вирусот и да ги подигне на повисоко ниво хигиената на храната и санитарните практики.
Целта на овие упатства е да се истакнат овие дополнителни мерки за да се одржи интегритетот на синџирот на исхрана и да се обезбедат соодветни и безбедни резерви на храна за потрошувачите, пренесува Агенцијата за храна и ветеринарство.
Потенцијално пренесување на КОВИД-19 преку храна
Малку е веројатно дека луѓето можат да заболат од КОВИД-19 преку храната или пакувањето на храната. КОВИД-19 е респираторно заболување и примарниот пат на пренесување е преку контакт на лице со лице и преку директен контакт со капки кои се создаваат кога заразено лице кашла или кива.
Досега нема докази дека вирусите кои предизвикуваат респираторни заболувања се пренесуваат преку храна или пакувањето на храна. Коронавирусите не можат да се размножуваат во храната. Нив им е потребно животно или човек – домаќин за да се размножуваат.
Најновиот совет на СЗО е дека сегашните докази укажуваат дека вирусот КОВИД-19 се пренесува за време на близок контакт преку респираторни капки (формирани при кашлање или кивање) и преку контаминирани предмети и материјали. Вирусот може да се шири директно од човек на човек кога заразен со КОВИД-19 кашла или кива, произведувајќи капки кои стигнуваат до носот, устата или очите на друго лице. Алтернативно, со оглед на тоа што респираторните капки се премногу тешки за да останат во воздухот, тие паѓаат на предмети и површини околу заразеното лице. Можно е некој да се зарази кога допира загадена површина, предмет или рака на заразено лице и потоа ги допира сопствената уста, нос или очи. Ова може да се случи, на пример, при допирање на кваки на вратите или ракување со друго лице и потоа допирање на лицето.
Неодамнешните истражувања го оценија опстанокот на вирусот КОВИД-19 на различни површини и објавија дека вирусот може да остане одржлив до 72 часа на пластика и нерѓосувачки челик, до четири часа на бакар, и до 24 часа на картон. Ова истражување беше спроведено во лабораториски услови (контролирана релативна влажност и температура) и треба да се толкува со претпазливост во реалната животна средина.
За индустријата за храна е неопходно да се зајакнат мерките за лична хигиена и да се обезбедат обуки за освежување на знаењата за принципите за хигиена на храната со цел да се елиминира или намали ризикот површините на материјалите за пакување на храна да бидат загадени со вирус од операторите со храна. Личната заштитна опрема, како што се маски и раквици, може да биде ефикасна во намалувањето на ширењето на вируси и заболувања во прехранбената индустрија, но само доколку се користи правилно. Покрај тоа, за прехранбената индустрија се препорачува да воведе физичко дистанцирање и строга хигиена и санитарни мерки, промовирање на често и ефективно миење раце и санитарни услови во секоја фаза на преработка, производство и рекламирање на храна. Овие мерки ќе го заштитат персоналот од ширење КОВИД-19 кај операторите со храна, ќе овозможат одржување на здрава работна сила и откривање и исклучување на заразените лица кои ракуваат со храна и нивните непосредни контакти на работното место.
Иако генетскиот материјал на КОВИД-19, (РНК) е изолиран од примероци од измет на заразени пациенти, сепак нема извештаи или докази за пренесување по фекално-орален пат. Миењето на рацете после употреба на тоалетот е секогаш суштинска практика, особено кога се ракува со храна.
Фото: Pixabay