Австрија размислува на лето да ги отвори границите за туристи

216

Австрија би можела да дозволи туристи од Германија и други земји во кои коронавирусот е под контрола да ја посетат во текот на летото, изјави австриската министерка за туризам Елизабет Коестингер.

Германските туристи учествуваат со повеќе од 30% во посетите за време на летната туристичка сезона во Австрија. Учеството на туризмот во БДП на Австрија е едно од најголемите во ЕУ.

“Слободата на патување ќе остане ограничена во наредните месеци. Меѓутоа, ако земјите се успешни (во борбата против коронавирусот), како што е Германија, постои реална шанса за билатерални договори“, рече Коестингер.

Конзервативниот премиер Себастијан Курц изјави дека Австријците треба да размислат за тоа летните одмори да ги минат во својата земја за да ѝ помогнат на економијата.

“Меѓутоа, без странски туристи земјата ќе мора да претрпи загуби”, посочи Коестингер.
Владата до крајот на април планира да претстави план за постепено отворање на рестораните и туристичкиот сектор.
Од вторник, во Австрија се отворени одредени продавници, но со задолжително носење заштитна маска. Задолжително е да се носат маски и во јавниот превоз, и во такси-возилата.

Според Универзитетот Johns Hopkins во Австрија коронавирусот е потврден кај 14.671 лица, од кои 443 лица починале.
Фото: Pixabay