Иако живееме во 21-от век, сепак жените во управувачка смисла сè уште се борат за својата рамноправност. На глобално ниво, големите корпорации и институции прават големи напори за да ги изедначат мажите и жените не само по висина на платата, туку и по управувачките права и функции.
Доколку сонувате за кариера во којашто вие сте таа што го има главниот и одлучувачки збор во компанијата, не треба да се плашите дека влегувате во “машкиот свет“, туку да бидете свесни за своите потенцијали и можности и неуморно да работите на свое доусвршување.
Немојте да ја глорифицирате улогата
Многу е поважно да сфатите дека сте шеф на тимот, којшто на својот грб носи голема одговорност. Доколку позицијата ви дозволи да “одлетате во облаци“, тогаш можете само да си создадете непријатели меѓу колегите. Наместо тоа, продолжете со работата со исто темпо, не ги подигнувајте веднаш критериумите и имајте разбирање. Присебноста, умереноста и одважноста се многу важни одлики што треба да го красат секој добар и успешен шеф.
Поставете јасни граници
Можеби до вчера сте биле само колеги, но откако сте го добиле унапредувањето, сега сте шефица. Тоа не значи само нова титула, туку и поголема одговорност, делегирање на задачите, управување со време, пари и други важни ресурси. Сепак, ако сакате да останете во добра комуникација со колегите, мора да поставите јасни граници, што ќе ги почитувате и вие, а тоа ќе го побарате и од вашите колеги.
Имајте став, покажете доверба
Не треба вашата функција да им влева страв на колегите, да се плашат кога по ходникот ќе го чујат звукот на потпетиците. Важно е да изградите став, кои се вашите принципи, во која насока сакате да се движи тимот, кои се важни работи, што е приоритет, што може да почека… Од друга страна, покажете им на колегите дека ви се важни, дека го почитувате нивното мислење и да се чувствуваат слободни да го кажат она што го мислат. Само со “отворени карти“ може да се изгради комуникација што на долг рок ќе биде ефикасна и корисна за сите.
Со успех и гордо крената глава – шефици!
Фото: Pixabay