Има 23 милиони жители, а само 438 заразени од коронавирус

154

Ниедна друга земја не беше толку загрозена од коронавирусот како Тајван. Од кинескиот брег оваа земја е оддалечена само 130 километри. Неколку стотини илјади Тајванци живеат во Кина, а минатата година над два милиони Кинези ја посетиле оваа островска држава, пишува Deutsche Welle.

И покрај тоа на Тајван досега се забележани само 438 случаи на зараза и шест починати на 23 милиони жители.

Тајната лежи во брзата реакција, бидејќи уште во декември минатата година кога се појавиле првите вести за таинственото воспаление на бели дробови во Вухан, на Тајван се вклучил знакот за тревога.

На 31 декември, Тајван ја извести Светската здравствена организација (СЗО) за опасноста од пренесување на коронавирус од човек на човек, во време кога ситуацијата во Кина сè уште не беше сфатена сериозно. Сепак, никој не одговори на оваа е-пошта, пренесува DW.

Со оглед на тоа што Кина сè уште го смета Тајван како дел од својата територија, оваа островска земја не е членка на СЗО. Откако претседателката Каи Ингвен дојде на власт во Тајван во 2016 година, која е особено критична кон Кина, СЗО веќе не дозволува  ни набљудувачка улога – на притисок на Кина.

Истиот ден кога Тајван испратил е – пошта на СЗО, како претпазливост почнале на аеродромите да мерат температури н патниците од Вухан. Три седмици подоцна не бил дозволен влез во земјата на никој од Вухан. На почетокот на февруари се затворија границите за сите Кинези, а во март за скоро сите странци.

Овие рани забрани за влез се покажаа како многу ефикасна мерка, покажаа бројките.

Мерки и по укинувањето на строгите рестрикции

Животот во Тајван, и покрај толку ниските бројки, сè уште не е како пред вирусот. Заштитна маска е задолжителна во целиот јавен превоз.
Таксистите може да одбијат патници ако не носат заштита. 1,5 метри простор се почитуваат насекаде и рестораните и кафеаните обезбедуваат доволно простор помеѓу масите. До 100 лица им е дозволено да се соберат во затворено, а до 500 луѓе на отворено. Во училиштата, но и на влезовите во банките, поштата и продавниците – се мери температурата и се дезинфицираат рацете. На аеродромите и железничките станици се инсталираат уреди што автоматски ја мерат температурата на патниците.

Оние што доаѓаат во Тајван мора да поминат 14 дена во самоизолација. Тие треба да го покажат својот телефон на аеродромот за да можат надлежните да го одредат нивниот GPS сигнал и со тоа да ја контролираат придржувањето на карантинот, тие го следат секој чекор во текот на тие две недели.

Новодојденците се транспортираат до местото на карантин или самоизолација со специјални такси-корона, кои се целосно дезинфицирани по секое возење. Ако GPS-сигналот е прекинат – на пример поради лош сигнал или ако батеријата е исцрпена, полицијата доаѓа брзо. Властите се јавуваат два пати на ден да проверат дали лицето е навистина до нивниот телефон. Казните за непочитување се драстични: од три до 30.000 евра.

Фото: Pixabay