Премиерот Оливер Спасовски, заедно со вицепремиерката, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори, Мила Царовска и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Александар Младеновски присуствуваше на увид во градежните работи во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2 (Бунарџик).
Премиерот Спасовски истакна дека се во полн ек работите на комплетирање на инфраструктурата во зоната којашто опфаќа сообраќајници, водовод, атмосферска и фекална канализација, гасовод и улично осветлување на булеварот и на уличната мрежа.
“Се предвидува работите да бидат завршени до октомври оваа година, а инвестициската вредност на работите изнесува 107.000.000 денари. Изведувачи и надзорен орган се домашни компании“, рече претседателот на Владата Спасовски.
Воедно тој потенцираше дека заложбата на Владата да се изведуваат градежните работи според предвидените рокови е поттикната од определбата и во делот на новата развојна економска политика која налага и во овие услови на забавени инвестициски циклуси, да обезбедиме целосно инфраструктурно подготвени индустриски зони за брз старт на инвестициските проекти кои очекуваме да продолжат во новата реалност.
“Големи се придобивките што од ден на ден ги подобруваме условите за инвеститорите, и да потсетам дека во во ТИРЗ 2 веќе работат компаниите Ван Хол, Мурат Тиџарет, Дура Аутомотиве Системс и Гересхајмер, во оној дел во кој инфраструктурата е завршена соодветно на потребите на овие компании”, истакна премиерот Спасовски.
Тој посочи дека извозот од зоните само за 2020 година, заклучно април, изнесува 630,2 милиони денари, а увозот за истиот период изнесува 556,3 милиони денари и дека тоа се факти достојни за почит и се одраз на динамичните економски политики на земјата.
“Странските инвестиции имаат големо значење за економскиот развој на државата, а најголема придобивка од странските инвестиции е фактот што тие имплементираат нови технологии. Вработените во фабриките се високостручно обучени луѓе кои работат по истите стандарди што компаниите ги практикуваат во сите нивни производни капацитети низ светот”, рече премиерот Спасовски.
Тој воедно наведе дека во пошироката слика, како секундарна придобивка од технолошко-индустриските развојни зони ја гледаме и можноста за поврзување со локалните компании кои стануваат дел од синџирот на снабдување на странските инвеститори што ги прави овие зони значаен генератор и учесник во растот на бруто домашниот производ.
Заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори, Мила Царовска потенцираше дека зоната се уредува со потребната инфраструктура, а засилено продолжуваат и градежните активности на неколку објекти на странски инвеститори коишто и покрај корона кризата не ја запреа градбата, туку напротив овој период го искористија за теренски работи.
“Сведоци сме дека имаше одредено забавување на глобалната економија коешто имаше влијание и на нашите компании, но по ова забавување производствените продолжуваат да функционираат согласно воспоставените протоколи”, потенцираше заменичката на претседателот на Владата, Царовска.
Царовска истакна дека Владата направи максимален напор со воведување на посебни протоколи за заштита на вработените и протоколи за транспортот на стоки, за да се ублажи влијанието на кризата.
“Ние како Влада посветено работиме како да обезбедуваме услови за работа, како за домашните така и за странските инвеститори. Во текот на оваа здравствена и социо-економска криза обезбедивме протоколи да ниеден производствен капацитет во нашата држава не престане и да се обезбедат услови да тие продолжат со давањето на услуги и производството кои се потребни. Секако дека и странските компании беа погодени од кризата, како и целата држава, како дел од меѓународните трговски процеси, голем дел од нив се во глобални ланци на снабдување, и има намалување на нивното производство. Но, сега со она кое може да го видиме и со најавите кои ги имаат Советот на странски инвеститори и странските инвеститори со кои сме во комуникација, поединечни компании, се гледа дека тие се прилагодуваат на новото време и веќе стартуваат со своето производство”, рече Царовска.
“За сообраќајно поврзување на ТИРЗ Прилеп, градиме два натпатника, чија инвестиционата вредност изнесува 240 милиони денари. Внатрешната инфраструктура што се состои од сообраќајница со атмосферска и фекална канализација и улично осветлување, чија инвестициона вредност е 45 милиони денари. Во истата зона е изграден доводниот водоснабдувачки систем со вкупна инвестициона вредност од 50 милиони денари “, потенцираше директорот Младеновски.