Енергетските компании доделија стипендии за 15 студенти

50

Stpendii2АД ЕЛЕМ, АД МЕПСО и ЕВН Македонија денес им доделија стипендии на 15 студенти од електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии, чиј просек на студирање повисок од 8. Стипендиите беа во висина од 6.000 денари.

Најголем дел од студентите кои добија стипендии се од прва година и тие ќе ги задржат истите до крајот на школувањето доколку нивниот минимален просек остане 8. Секоја од компаниите додели стипендии на по пет студенти.

Деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски посочи дека бројот на стипендирани студенти годинава е поголем од лани и воедно нагласи дека студентите годинава покажале многу повисок просечен успех на положените испити.

“Благодарејќи на нашата иницијатива, залагањето на трите енергетски компании и кампањата на Владата за студирање на техничките науки, бројот на запишани студенти на електроенергетските насоки постојано се зголемува. Пред две години бројот на запишани студенти беше 30, првата година од доделувањето на стипендии се зголеми на 60, а лани се запишаа над 100 студенти”, рече Станковски.

Тој нагласи дека првата година немало кој да добие стипендии. Лани добиле помал број на студенти, а годинава, како што кажа, енергетските компании имаат проблем да ги одберат 15-те најдобри студенти.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски истакна дека како општествено одговорна компанија секогаш даваат поддршка на проекти за развој на науката.

“Студентите од ФЕИТ ги гледаме како наши идни колеги менаџери кои во иднина ќе работат на унапредување на енергетиката како најважен фактор и основа за економскиот развој на државата. АД ЕЛЕМ две години доделува стипендии за да ги поттикне младите да се унапредуваат и усовршуваат во енергетскиот сектор”, рече Бошковски.

Toј посочи дека годинава покрај петте стипендии на студентите од ФЕИТ доделиле уште 10 стипендии на Машинскиот факултет и на Факултетот за рударство при Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Игор Гиевски истакна дека поддршката за едно семејство во деновите на студирање секогаш е добредојдена.

“ЕВН беше првата компанија која почна да доделува стипендии на овој Факултет. Веќе две години по ред доделуваме стипендии. Годинава стипендиите ќе ги добијат четири студенти од прва студиска година и еден од претпоследна”, рече Гиевски.

Тој нагласи дека стипендистите ќе имаат можност да практицираат во ЕВН Македонија при што ќе добијат ментор кој ќе се грижи за поддршка на стипендистот во компанијата и следење на целиот негов процес на учење.

Генералниот директор на АД МЕПСО Синиша Спасов изјави дека му е чест и задоволство да учествува во активноста која станува позитивна општествено одговорна практика и дава одлични резултати преку мотивирањето на студентите да постигнуваат подобри резултати.

“Константно се зголемува бројот на апликанти за стипендии што покажува дека стипендиите се добра мотивација. На добитниците на стипендии им посакувам да продолжат на патот на којшто почнале да одат”, рече Спасов.