Унгарија има потреба од воведување на еврото затоа што земјата разви тесни врски со еврозоната, смета гувернерот на унгарската централна банка. Министерот за финансии, пак тврди дека еврозоната на државата не и е потребна во следните 20 години.
“Иако должничката криза во еврозоната влијае и врз државите што не се нејзини членки, како што е Унгарија, тоа не ја намалува потребата за воведување на еврото”, изјави Андрас Симор, гувернерот на унгарската централна банка. “Би рекол дека Унгарија, кога станува збор за трговија, веројатно е поинтегрирана во еврозоната од некои држави кои се веќе нејзини членки. Според тоа, било каков неповолен стопански развој во еврозоната има моментално влијание врз Унгарија”.
Претходно, унгарскиот министер за финансии Ѓорѓ Матолчи изјави дека Унгарија може сама да ја опорави својата економија без да се воведува евро во следните 20 кризни години.