Амал Клуни – харизматична и успешна адвокатка што не “падна“ во сенка на сопругот

282

Амал Клуни е една од најмоќните и најценети меѓународни адвокати за човекови права во светот. Иако му е сопруга на еден од најпознатите актери, Џорџ Клуни, таа во ниту еден момент не “падна“ во неговата сенка.

Пријателите за Амал ќе кажат дека е жена со неверојатен интелект и елеганција. Знаењето и стручноста на Амал добија и признание во форма на различни престижни награди, а “кралицата“ од Либан и двојничката на Ен Хатавеј се само дел од епититети што ги добива благодарение на нејзиниот изглед, стил и софицистицираност во секоја смисла.

Кариерата на 42-годишната Амал е поврзана со човекови права и меѓународна политика. Работела во различни комисии на Обединетите нации, предавала на неколку Универзитети, течно зборува англиски, француски и арапски јазик. Низ нејзината успешна кариера застапувала бројни познати личности, а на листата на клиенти на Клуни може да се најдат поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко и основачот на Wikileaks, Џулијан Асанж.

Инаку, животната приказна на Амал започнува на трети февруари 1978 година во либанската престолнина, Бејрут. Потекнува од влијателно семејство на интелектуалци. Нејзиниот дедо бил министер, а татко ѝ Ремзи Аламудин, пред пензионирањето работел како професор на деловни студии на Универзитет во Бејрут. Нејзината мајка Бариа Микнас имала успешна новинарска кариера, а работела во повеќе весници и на различни телевизиски емисии. Кога била млада, пленела со нејзината убавина, поради што ја нарекувале либанската Елизабет Тејлор.

Во 1982-ра година, кога изби војна во Либан, семејството на Амал е принудено да побегне. Амал заедно со родителите, помладата сестра и браќата се преселиле во Велика Британија. Таму завршила основно и средно училиште, по што студирала право на Универзитет во Оксфорд. Титулата магистер, Амал ја добива во Њујорк, а во 2010 година се вратила во Велика Британија, каде што почнала да ја гради својата успешна кариера како адвокат.

Амал и Џорџ се запознаа во Италија во вилата на актерот сместена покрај езерото Комо.

“Помислив дека е прекрасна, забавна и многу паметна. Не знам дали таа го помислила истото за мене. Најверојатно мислела дека сум стар. Потоа, ми испрати неколку фотографии што ги направила додека беше тука, по што почнавме да се допишуваме и да комуницираме. По некое време стана јасно дека тоа што меѓу нас беше пријателство сега прерасна во нешто повеќе“, рекол Џорџ.

Во 2015 година, Амал добива можност да предава на факултетот Columbia Law School, а следната година заедно со сопругот биле во посета на папата Франциск во Ватикан, каде што разговарале за бранот мигранти што се движел накај Европа.

Покрај успехот на полето на кариерата и складниот брачен живот, будно следен од очите на јавноста, Амал на шести јуни 2017 година станува мајка. Се породи во лондонската болница St. Mary’s, во којашто се породи и Кејт Мидлтон, и на свет ги донесе синот Александер и ќерката Ела.

Дел од приходите од нејзината работа, како и од заработката на нејзиниот сопруг, завршува во хуманитарни цели. Двајцата стојат зад организацијата Clooney Foundation for Justice посветена на едукација на бегалци, нивно сместување во САД, изградба на училишта и систем за следење на работата на судовите што ги решаваат случаите поврзани со нив.

Богатството на Амал се проценува на околу 20 милиони долари.

Фото: Facebook