Според податоците на Државниот завод за статистика индексот на трошоците на животот, кој е клучниот показател за движењето на инфлацијата, во јуни се зголемил за 4,2% на годишно ниво, додека индексот на цените на мало пораснал за 2,3%.
Индексот на цените на мало во јуни 2013 година, во однос на претходниот месец, бележи пораст од 0,4%, а индексот на трошоците на животот 0,3%.
Порастот на трошоците на животот на месечно ниво е резултат на повисоките индекси на овошјето за 13,5%, преработките од млеко за 0,5%, месото и рибата за 0,3% свежото и киселото млеко и алкохолните пијалаци за 0,2%.
Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај туристичките аранжмани за 9,0%, авионскиот превоз на патници за 1,7%, комуникациските услуги за 1,6%, нафтените деривати за 1,2%, течните горива и гасот за домаќинствата за 1,0%, обувките за 0,4% и храната и пијалаците во рестораните и хотелите за 0,2%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во јуни во споредба со претходниот месец, е забележано кај јајцата за 2,5%, зеленчукот и мастите за 0,8%, другите прехранбени производи за 0,6% и преработките од месо за 0,4%.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај услугите за сместување за 9,8% и средствата за хигиена за 0,5%.