Членката на Управата на Atlantic Group, Лада Тедески Фиорио втора година по ред е прогласена за најмоќна бизнис жена во Хрватска, пренесува Пословни дневник.
Потпретседателката за стратегија, деловен раст и развој на Atlantic Group е на прво место на листата 10 најмоќни жени, а управува со имот од 740 милиони евра. Таа му е сестра на првиот човек на групацијата, Емил Тедески.
Втора најмоќна според оваа листа е Ана Стојиќ Дебан, претседателка на Управата за Загрепски холдинг, додека трета е Тамара Перко, претседателка на Управниот одбор на HBOR.
“Најголем пример уште во средно училиште ми беше мојот татко кој беше деловен човек. Неговата енергија, идеи и сето она што беше околу него ми се чинеше многу привлечно. По мојот татко, со секој колега со којшто соработував и со којшто соработувам и денес ми е пример и инспирација, бидејќи од секого се учи по нешто. Татко ми беше тој кој ме насочи. Мајка ми беше судија и кога во една прилика ѝ кажав дека сакам да тргнам по нејзини стапки, таа ми порача да одберам некоја женска професија“, рекла Лада во една прилика.
За свој најголем успех ги смета своите деца близнаци за кои вели дека се “самостојни, одговорни, весели, нормални и заинтересирани за сè околу себе“.
Во текот на школувањето во Милано го запознала својот сопруг, Италијанецот Алесандро Фиорио.
Фото: Facebook