Проширена програма за лојалност на Т-брендот

97

DSC_0069T-Home и T-Mobile вчера објавија проширена програма за дополнителни поволности на лојалните корисници, во која се вклучени и неколку познати трговски компании во државава.

Така отсега, освен поените собрани преку користење на услугите на T-Home и T-Mobile, корисникот ќе може да собира Мој клуб поени и со секое купување во сите продажни места на Тинекс, Космо, Нептун, Fashion Group и туристичката агенција Travel Solution.

Исто така корисникот ќе може да купува на истите места откако ќе собере одреден број на поени. На секое од местата ќе има поставенио терминал и корисникот при купување ќе треба да го заврти бесплатниот телефонски број 180 и да го приложи својот телефон до терминалот.

Новата услуга важи за сите пост пејд и припејд корисници, физички лица и компании, кои имаат T-Mobile број.

Главниот извршен директор на T-Mobile Македонија Жарко Луковски информираше дека засега се поставени терминали во околу 250 продажни места, а се очекува во блиска иднина бројката да надмине 1.000.

“Заедно со нашите партнери воведовме комплетно ново искуство, дополнителни вредности и работиме на зачувување и наградување на корисничката доверба. Целта на оваа програма и ваквото обединување на успешни брендови во Македонија е да се овозможи дополнителна придобивка и да се обезбедат задоволни крајни корисници”, рече Луковски.

Претставниците на Тинекс и на Нептун изразија задоволство од соработката со Т-брендот и истакнаа дека од 2,5 до 3% од секоја сметка во нивните продажни места ќе бидат конвертирани во поени.