Доделени одобренија за фреквенции за 4G

100

4g-wirelessТрите мобилни оператори во Република Македонија Т-Мобиле, Оне и Вип ќе добијат одобренија за користење радиофреквенции од четвртата генерација на мобилни комуникациски услуги.

По уплатата на еднократниот надоместок во висина од 10.300.000 евра, операторите ќе добијат одобренија за користење радиофреквенции со кои ќе можат да обезбедат услуги од четвртата генерација на мобилна телефонија.

Компаниите беа избрани на денешното јавно наддавање во Агенцијата за електронски комуникации за доделување три одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенцискиот опсег 790-862 МHz и 1710-1880 МHz.

“Во еден конкурентен пазар како овој Агенцијата очекува за брзо време услугите од четвртата генерација на мобилни комуникациски услуги да бидат достапни и поволни за сите корисници во Република Македонија. Брзите широкопојасни мрежи станаа национална инфраструктура од витално значење, слично како транспортните, енергетските и водоснабдувачките мрежи, но со уште поголем потенцијал за влијание врз социјален и економски развој. Агенцијата очекува со новите инфраструктури, развој на нови телекомуникациски услуги, развој на нови информациски решенија и производи, нови вработувања, нови инвестиции и зголемени приходи. Новите мрежи ќе создадат дополнителни поволности за економски развој на сите гранки од македонското стопанство, со што ќе се зголеми и конкурентноста на македонските компании на меѓународен пазар”, велат од АЕК.