Граѓаните вложиле 507,4 милиони денари во осигурителни полиси

100

Во услови на здравствена пандемија, расте осигурувањето имот кај домаќинствата, компаниите, земјоделците и кај државниот сектор, а вкупната продажба на полиси за осигурување имот лани надмина 30 милиони евра и порасна за пет отсто.

Осигурителните компании, вкупно 11 друштва кои продаваат полиси за осигурување имот, лани на своите осигуреници им исплатиле вкупно за штети (бруто исплатени штети) 10,2 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година, информира Агенцијата за супервизија на осигурување.

Вкупната продажба (бруто полисирана премија) на полиси за осигурување имот лани достигна 1,86 милијарди денари (30,26 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Вредноста на осигурителните полиси кои осигурениците ги купиле лани пораснала за пет отсто (1,43 милиони евра) во споредба со 2019 година.

Зголемен е и бројот на склучени полиси за осигурување имот на физички лица и на правни лица. Вкупниот број на полиси за осигурување на имот во 2020 изнесува 135.223 што е за четири отсто повеќе споредено со претходната година.

Граѓаните лани во осигурителни полиси вложиле вкупно 507,4 милиони денари односно 8,25 милиони евра, а приватни компании и државните институции платиле 1,35 милијарди денари, односно 22,01 милиони евра. Најголемо учество во вкупната вредност на осигурувањето лани имаат осигурувањата на градби и нивната содржина – 13,3 милиони евра и земјоделските осигурувања – 7,84 милиони евра, пренесува МИА.

“При тоа, осигурувањето на имот (освен пожар и други природни непогоди) пораснало за седум отсто во однос на 2019 година и надминало 1,09 милијарди денари, односно 17,76 милиони евра, што пред сè се должи на градежната експанзија во урбаните средини“, велат од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Зголемување од два отсто има и кај продажбата на осигурување од пожар и други природни непогоди која достигнала 768,2 милиони денари или 12,5 милиони евра.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.

Фото: Pexels