Што сè поскапе во март?

58

Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на животот во март 2021 година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,5%, а кај цените на мало има пораст од 0,6%.

Пораст на индексите на трошоците на животот во март 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 3,5%, свежото и разладеното овошје за 2,1%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,8%, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 0,4%, месото и жестоките пијалаци за 0,2%.

Во март, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај собирањето на отпадните води за 8,2%, течните горива за домаќинствата за 7,4%, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 6,8%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,8%, информатичката опрема за обработка на податоците за 5,5%, моторните возила за 3%, гасот за домаќинствата за 2,3%, малите електрични апарати за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,7%, снабдувањето со вода за 0,5%, мебелот и покуќнината за 0,3%, материјалите за одржување и поправки на станот, теписите и другите подни покривки, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,2%.

Намалување на индексите на трошоците на животот во март 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај рибата и морските плодови за 0,6% и конзервираното овошје за 0,3%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај медиумите за снимање за 0,9%, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,7%, обувките за 0,5%, домашните миленици и сродните производи за 0,4% и облеката за 0,2%.

Индексот на трошоците на животот во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи зголемување од 2,1%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,6%.

Фото: Pexels