Македонија не ја повлекува мерката за условен увоз на брашно

97

pcenicaМакедонија нема намера да ја повлече или да ја измени мерката за условен увоз за пченица и брашно до крајот на годината, односно до стабилизирањето на пазарот, како што беше и првично планирано, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски.

Тој изрази уверување дека Србија, и покрај одредени најави, нема да воведе реципрочни мерки за македонското вино и домати, благодарение на правовремената реакција од македонска страна и цврстите аргументи за воведувањето на мерата за ограничен увоз.
“Оваа мерка не се однесува конкретно за некоја држава, туку важи за сите земји. Изминатиот период имавме разговори со Србија која се јави како најзасегната страна. Искажавме аргументи со конкретни податоци и причини за воведување и тие се прифатени во целост. Взаемен е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде, за што е потребно да се применува мерката“, истакна Димовски.
Димовски информираше дека во изминатите 18 месеци во Македонија се увезени околу 150.000 тони пченица и над 70.000 тони брашно, што е премногу за македонскиот пазар.
На денешниот состанок на Заедничкиот комитет на ЦЕФТА во Белград би требало на Македонија да и се упати официјално барање за укинување на мерката за ограничување на увоз на пченица и брашно од Србија, изјави државниот секретар на министерството за земјоделие, Данило Голубовиќ, јавува Танјуг.

Голубовиќ нагласува дека станува збор за едностран потег кој апсолутно и дефинитивно го крши ЦЕФТА договорот. Тој за Танјуг изјави дека на состанокот нема да присуствува Молдавија, која испратила писмено известување дека е потполно согласна дека мерката што ја воведе Македонија е кршење на ЦЕФТА и бара таа мерка да се укине.

Мерката предвидува обврска за еден килограм увезена пченица да се откупат три килограми домашна пченица, односно за увезен еден килограм брашно да се откупат четири килограми пченица.