Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, во 2020 година е забележано намалување на реалниот бруто домашен производ (БДП) од 4,5% (раст од 3,2% во 2019 година).
Ваквиот пад се должи на здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, којашто доведе до намалување на надворешната побарувачка, привремено нарушување на синџирите за производство, како и поголема воздржаност на економските субјекти, во услови на нагласена неизвесност и преземени мерки за ограничување на ширењето на вирусот. Во вакви околности, во 2020 година намалување забележаа и домашната и извозната побарувачка. Гледано по одделните компоненти, зголемување е видливо единствено кај јавната потрошувачка, имајќи ја предвид потребата за заштита и одржување на јавното здравје во услови на пандемија. Во текот на 2020 година, носителите на политиките преземаа координирани мерки за ублажување на последиците од здравствената криза врз економијата, стои во Годишниот извештај на Народна банка.
Гледано преку производната страна, падот на економијата во текот на 2020 година е широко дисперзиран, а најизразен е во делот на индустријата и дејностите од групата трговија, транспорт и угостителство, сектори коишто беа клучни за растот во претходните години. Анализирано грануларно, преку индексот на индустриското производство, падот на индустријата главно е резултат на неповолните остварувања во преработувачката индустрија, претежно во дејностите во кои се активни извозните капацитети со странски капитал поврзани со автомобилската индустрија, како што се производството на машини и уреди и производството на моторни возила, а негативен придонес се забележува и кај производството на електрична опрема.
Кај традиционалните дејности, позначителен негативен придонес се забележува кај производството на облека и текстил, производството на прехранбени производи и производството на пијалаци. Падот кај трговијата речиси во целост се должи на случувањата поврзани со пандемијата, а гледано одделно, по видови промет, пад на прометот се забележува и кај трговијата на големо и трговијата на мало.
Во согласност со рестрикциите во движењето на населението, како локално, така и во меѓународни рамки поврзани со пандемијата, кај транспортот се забележува пад на активноста кај сите видови сообраќај, освен кај товарниот патен сообраќај. Угостителството е најпогодениот сектор од пандемијата каде што бројот на туристи, ноќевањата, како и вкупниот промет речиси се преполовија.
Понатаму, градежниот сектор во 2020 година забележа поумерен пад од другите сектори, при послаба активност во доменот на високоградбата, во услови на поволни движења кај нискоградбата поврзани со јавните инвестиции во патната инфраструктура. Од друга страна, кај земјоделството, информациите и комуникациите и дејностите во врска со недвижен имот е забележан реален раст на активноста во 2020 година.
Гледано од аспект на агрегатната побарувачка, во 2020 година домашната побарувачка има негативен придонес, при позитивен придонес на нето-извозот. Во рамките на домашната побарувачка, најголем негативен придонес има потрошувачката на домаќинствата, при пад на расположливиот доход и неповолни движења на пазарот на труд, но и при поголема воздржаност од потрошувачка поврзана со неизвесноста околу работните места и идните примања.
Падот на потрошувачката на домаќинствата делумно беше ублажен со мерките за финансиска поддршка на граѓаните. Значителен негативен придонес имаа и инвестициите, врз коишто слабата побарувачка и високото ниво на неизвесност имаа силно влијание. Падот на инвестициите во 2020 година е во согласност со забележаниот пад на додадената вредност во градежништвото и со намалениот увоз на производи за инвестиции, а падот беше ублажен преку растот на јавните инвестиции во инфраструктурата (гледано преку растот на извршените градежни работи во доменот на нискоградбата).
Од друга страна, јавната потрошувачка забележа висок раст и делуваше контрациклично, како резултат на зголемената поддршка на здравствениот сектор и на локалните власти за справување со ковид-19. Во услови на пад на странската побарувачка и привременото нарушување на глобалните синџири на производство и логистика, извозот забележа пад во 2020 година. Намалената извозна активност, како и падот и на домашната побарувачка, предизвикаа надолно приспособување и кај увозот на стоки и услуги, при што нето-извозот имаше позитивен придонес кон растот.
Во 2020 година, просечната стапка на инфлација се задржа на ниско и стабилно ниво и изнесуваше 1,2%, главно предизвикана од растот на цените на прехранбената компонента, а во помал дел и од позитивниот придонес на базичната инфлација, додека цените на енергијата имаа мал негативен придонес. Остварувањата во 2020 година упатуваат на благо забрзување на инфлацијата во споредба со остварувањата во 2019 година, кога инфлацијата изнесуваше 0,8%. Во услови на претежно надолни притисоци од увозните цени (длабок пад на цената на нафта, поумерена странска ефективна инфлација и мал раст на цените на храната) и намалена домашна побарувачка, благото забрзување на домашната инфлација во 2020 година делумно ги отсликува и случувањата поврзани со ковид-19, односно поизразената потрошувачка на одредени производи и услуги, како и зголемувањата на цените од административна и регулаторна природа, а одреден ефект веројатно имаат и ограничувањата на страна на понудата предизвикани од глобалната здравствена и економска криза. Анализирано динамички, растот на потрошувачките цени забрзуваше во текот на годината, при што од 0,6% во првиот квартал, достигна 2,2% во четвртиот квартал од годината.
Фото: Pexels











