Трговските центри банкротираат: Светот полека се отвора, а тие ставаат катанец

Washington Prime Group, сопственикот на трговски центри на повеќе од 100 локации низ САД, поднесе барање за банкрот, повикувајќи се на последиците од мерките за затворање за време на пандемијата на коронавирусот.

Групата, со седиште во Охајо, поднесе барање за заштита од банкрот според поглавјето 11 од американскиот закон за стечај, наведувајќи дека Ковид-19 “создал значителни проблеми“ и дека овој чекор е “неопходен“, пренесува CNN.

Washington Prime обезбеди 100 милиони долари нови средства за поддршка на секојдневното работење, за да може да продолжи со нормална работа и без прекини.

Акциите на Washington Prime паднаа по оваа вест за дури 55% во тргувањето пред официјалното отворање на Њујоршката берза, а во последните 12 месеци тие паднаа за 60%.

Промената на потрошувачките навики и пандемија ја потресе малопродажната индустрија во текот на 2020 година, па претходно, уште двајца сопственици на трговски центри во САД, CBL Properties и PREIT, минатата година покренаа банкрот, наведувајќи слични проблеми.

“За време на финансиското преструктуирање, ние ќе продолжиме да работиме на тоа да ја зголемиме вредноста на нашите средства и нашата оперативна инфраструктура“, рече извршниот директор на Washington Prime, Лу Конфорти.

Од компанијата најавија дека “спроведувањето на сеопфатно и консензуално финансиско преструктуирање“ има за цел да го намали нивниот долг тежок скоро милијарда долари.

Фото: Pixabay