Најавеното зголемување на дневните температури, кои според метеоролозите во одредени региони ќе надминат 40 степени Целзиусови, ги зголемуваат ризиците од труење со храна и претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните. За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзината набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за нејзино чување. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
Да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
Во фрижидерите храната да се чува на температура пониска од pet степени Целзиусови и тоа на најгорните полици зготвената храна, а на подолните суровата. Термичката обработка на храната да се врши на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат.
Ако се јаде во угостителски објекти, да се води сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се одбегнува да се користат додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Високите температури се стрес за животните и тој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Високиот процент влага и недоволната вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на животните на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.
Забрзано и плитко дишење, несигурен од – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните. Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да биде постепено. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.
Фармерите да внимаваат на густината на населеност во објектите. Животните да не се изложуваат директно на сонце, особено во најтоплите периоди од денот и за нив да се обезбедат натстрешници, или природни ладовини. Животните да се пуштат на пасење во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот, или животните да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.
Сопствениците на домашни миленици животните да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце и задолжително треба да водат сметка и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот.
Фото: Pexels