АПИС и Здружението Сакам да работам бараат јавна расправа за измените на Законот за игри на среќа

53

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Здружението на вработените во секторот игри на среќа Сакам да работам бараат да се одржи јавна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет за измените на Законот за игри на среќа, за да се соочат аргументите.

Тие сметаат дека предложените законски измени содржат дискриминаторски противуставни одредби кои предвидуваат ретроактивно дејство за веќе завршено правно финансиска работа и најавуваат дека ќе бидат принудени да ја тужат државата за надомест на штета што ќе предизвика финансиски импликации во Буџетот. Според нив, предлогот за дислокација на објектите каде се организираат игри на среќа на 500 метри од образовните институции е многу тешко изводлив на терен, бидејќи согласно постојната урбанизација обезбедено дистанцирање од едно училиште ќе приближи објект до друго училиште и де факто значи целосно затворање на оваа индустрија.

“Погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против измени на Законот за игри на среќа, туку сме против нелогични погрешни и политички мотивирани измени. Постојната регулатива е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Не постои ниту еден записник на инспекциска служба каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека сме врвни професионалци и општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес стопроцентно и неселективно ги спроведуваме законските норми. Одговорно тврдиме дека постојат повеќе опции за заштитата на малолетниците да биде уште повеќе зајакната, а државата да ги остварува и понатаму постојните буџетски приливи“, рече Горан Стојменов, претставник од АПИС на денешната прес-конференција пред Собранието.

Министерството за финансии, нагласи тој, остана глуво на нашите апели и ги достави измените во Собранието со кои во услови на тешки економски последици од корона кризата се предвидува затворање на автомат клубовите и спортските обложувалници.

“Тоа значи оштетување на речиси 10.000 вработени. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат помеѓу 54 и 100 илјади работни места во земјава, и бараме да бидеме третирани од државата, во која инвестираме со години, на ист начин како и другите странски инвеститори“, рече Стојменов.

Тој посочи дека државата ќе изгуби околу 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа од затворањето на, како што кажа, 100% законски бизнис и ќе предизвика да се игра на црно во подрумски простории како што беше со децении наназад. Според него, не е точно оти малолетниците ќе бидат повеќе заштитени ако се дистанцираат автомат клубовите на 500 метри од образовните објекти зашто кога ќе пешачат или ќе се превезуваат до училиштата каде посетуваат настава повторно ќе мора да поминуваат пред таквите клубови.

“Тврдењата дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите  ги привлекуваат малолетниците и наводно преку очите им создава навика за игри на среќа нема врска со реалноста. По истата логика  и со истите аргументи Владата и Собранието треба да ги дислоцираат сите кафулиња, кафеани и тобака за да се заштитат малолетниците од алкохол и цигари“, рече Стојменов.

Вработената Тања Трпевска нагласи дека стравуваат за своите работни места и додаде дека има и семејни луѓе кои работат во компаниите кои организираат игри на среќа.

“Егзистираме од нашата дејност која што се спроведува законски, така што мислам дека треба да се разгледа и да се види се како што треба и да испадне двете страни да бидат задоволени. Во нашите објекти имаме 24 часа обезбедување, видео-надзори, малолетници не влегуваат во нашите објекти. Нема ниту еден записник досега дека некој малолетник е присутен во нашите објекти. Малолетниците се целосно заштитени од наша страна, од страната на вработените и од организаторите на игри на среќа“, рече Трпевска, пренесе МИА.

Фото: Pexels