Кико – апликација за слепите лица која ќе им ги чита содржините

381

Слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава првпат добија апликација со која ќе им се овозможи пишаниот текст да го чујат во гласовна форма. Апликацијата Кико ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и декстоп-верзија, сега на македонски јазик, а за неколку месеци и на албански јазик. Покрај слепите и лицата со оштетен вид, апликацијата ќе можат да ја користат и лица со тешкотии во учењето, односно оние кои информациите најлесно ги разбираат кога се во говорна форма.

“Ми претставува особена чест и задоволство што денес  на лицата со оштетен вид и на членовите на Националниот сојуз на слепи можам да им соопштам дека Апликацијата Аудио читач е готова и можат да ја користат“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода  Шахпаска во своето обраќање по повод започнување со употреба на првата мобилна апликација, Аудио читач за слепи лица и лица со оштетен вид.

Министерката Шахпаска потенцираше дека со Аудио читачот, слепите лица во Република Северна Македонија ЗА ПРВ ПАТ, добиваат функционална, современа и практична алатка која  им овозможува  поголема независност во нивните  активности  од секојдневниот живот. Како и дека тој претставува круна на заедничкиот проект на Министерството за труд и социјална политика, УНДП и Националниот сојуз на слепи.

“Аудио читачот на македонски јазик кој е наречен Кико, е веќе готов и овозможува пишаниот текст да се слушне и разбере во аудио верзија. Во финална фаза е и Хана – албанската верзија, која наскоро ќе биде достапна и за граѓаните чиј мајчин јазик е албанскиот“, рече Шахпаска.

Министерката информираше дека апликацијата е достапна во мобилна и десктоп верзија креирана согласно современите технолошки трендови. Притоа, потенцираше дека  за разлика од досегашните апликации од други земји,  кои користеа роботски глас, тешко разбирлив  и несоодветен за слепите лица , новиот аудио читач  е апликација лесно разбирлива со природен глас, на литературен македонски јазик.

Освен лицата со оштетен вид, апликацијата Кико може да ја користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат.

“Аудио читачот има огромно значење затоа што ќе им го промени животот на најмалку  3000 слепи лица само во нашата држава. Слепите лица ќе бидат подобро информирани, активно ќе бидат вклучени во општественото живеење и  најважно од се ќе бидат независни“, посочи министерката Шахпаска.

Пристапот до апликацијата е едноставен. Доволно е да се пристапи на Google Play Store и да се симне апликацијата  RHVoice. Откако ќе се инсталира оваа апликација потребно е да се одбере македонски на листата со јазици, веднаш до називот Кико.