Еврозоната излезе од рецесија, а американскиот БДП на ниво од пред пандемијата

58

Минатата недела се објавени податоци коишто покажуваат дека најголемите светски економии стабилно закрепнуваат од коронакризата, при што економијата на еврозоната во второто тримесечје излезе од рецесија, а додека американската економија го достигна нивото од пред пандемијата.

Според податоците на Eurostat, економијата на еврозоната во второто тримесечје забележа пораст од 2% во однос на претходниот квартал, со што излезе од таканаречената рецесија со “двојно дно“, со оглед на тоа што имаше пад во претходните две тримесечја. Податоците покажуваат пораст на сите 19 држави што го сочинуваат тој европски блок.

Во Италија и Шпанија, две земји чии економии беа тешко погодени од пандемијата, стапката на раст им е околу 3%. Во Австрија и Португалија е забележан силен раст, при што имаат стапки од околу 4,9%. Двете најголеми економии во еврозоната имаа нешто поумерен раст, Германија со 1,5%, а Франција со 0,9%.

Американската економија, пак, го достигна нивото од пред пандемијата. Благодарение на големите фискални и монетарни пакети државна поддршка, во второто тримесечје има раст од 6,5%, па бруто домашниот производ на САД достигна 19.400 милијарди долари, додека во последното тримесечје од 2019-та година изнесуваше 19.200 милијарди долари.

Фото: Pixabay