Без објаснување, Русија ги намали испораките на гас за Европа

88

Русија ги намали испораките на гас за Европа во последните недели без никакво објаснување, покажуваат податоците од аналитичката компанија „ICIS“.

Според аналитичарите на „CNBS“, „Газпром“ започна со прекин на снабдувањето штом германската канцеларка Ангела Меркел рече дека постојат механизми што ќе ја принудат Русија да не користи природен гас како геополитичко оружје. Таа ја даде изјавата за ублажување на загриженоста на Украина во врска со спроведувањето на „Северен тек 2“.

По долги спорови, гасоводот е скоро на финална права, и преку него Москва ќе ги заобиколи Украина и Полска, преку кои сега минува главниот транзит на природен гас кон Европа.

Критичарите на проектот велат дека не е во согласност со плановите на ЕУ за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и ќе ја зголеми зависноста на Европа од увоз на руски природен гас. Сепак, и Русија и Германија постојано истакнуваат дека ова е чисто економски проект кој има за цел да ја покрие зголемената потрошувачка на енергетски ресурси во Европа.

Во Германија веќе обрнуваат внимание на некои загрижувачки индикации од „Газпром“. На пример, компанијата не ги полни капацитетите за складирање гас што ги користи во Европа и на кои се потпира за да ја балансира зголемената зимска потрошувачка. Аналитичарите веруваат дека причината за ова е што државниот гигант за гас ќе се обиде да ја искористи потребата од гас за да го забрза одобрувањето на ЕК за комерцијална работа на проектот.

Сепак, „Газпром“ нема многу време – според експертите, првите испораки на гас на „Северен тек 2“ може да бидат физички возможни во октомври – еден крак од гасоводот е подготвен и во моментов се вршат тестови и други дејствија, кои претходат на комерцијално работење. Меѓутоа, ако зимата подрани, тогаш ќе биде предоцна за да се обезбеди зголемена потрошувачка во Европа.

Запрашани за коментар од „Газпром“, тие велат дека „август е уште еден зимски месец за пазарот на гас“ и објаснуваат дека во текот на летниот месец се прават повеќето од планираните поправки на мрежата, за да нема изненадувања во есен и зима, „кога испораките.не може да се прекинат“.

Според „ICIS“, снабдувањето преку клучниот гасовод „Јамал“ е намалено на 20 милиони кубни метри дневно од средината на август. Ова е значително помалку од традиционалните 81 милиони кубни метри дневно, и во споредба со 49 милиони кубни метри дневно на крајот на јули.

Аналитичарите очекуваат намаленото снабдување со гас да продолжи и во септември.

Едно објаснување за падот може да биде пожар во фабриката за кондензат, потребен за транспорт на гас до сибирскиот град Нови Уренгој. Инцидентот се случил пред две недели.

„ICIS“ коментира дека можеби зад ова стои неподготвеноста на „Газпром“ да учествува на тендерите за дополнителен капацитет во Украина и Полска во последните недели. Многу е веројатно дека компанијата едноставно не може да ги пополни количините, и тоа не толку како резултат на некои политички игри или трговски тактики.

Од почетокот на годината, цените на природниот гас во главните гасни центри во Европа се зголемија за 116% и достигнаа рекордни 56,17 долари по мегават-час во центарот TTF во Холандија на 16 август.

На цената влијае и недостатокот на течен гас – залихите одат првенствено во Азија и Јужна Америка, каде што сушата го ограничи производството на електрична енергија од хидроцентралите.