Исплатени 2,25 милијарди евра на Германија од Фондот за обновување на ЕУ

155

Германија денеска доби 2,25 милијарди евра од Фондот за закрепнување на Европската унија, во вредност од 800 милијарди евра, формиран со цел да им помогне на земјите од блокот од 27 членки да ги надминат последиците од пандемијата „Ковид-19“ и да развијат позелена и подигитална економија.

Оваа сума претставува девет проценти од вкупните 25,6 милијарди евра грантови што Германија ќе ги добие од Фондот во наредните години, а исплатите ќе бидат поврзани со спроведувањето на планот за закрепнување доставен до Европската комисија, пренесе Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Европската комисија издвои одредени проекти предложени од Германија како особено вредни.

„Особено ги поздравуваме мерките за поддршка на ранливите групи и за поповолно учество на жените на пазарот на трудот, на пример преку продолжување на услугите за грижа за децата и редовно школување“, рече еврокомесарот за економија Паоло Џентилони во изјавата.

Тој додаде дека станува збор за „проблеми чие решение Комисијата одамна и го препорачува на Германија“.

Десетина земји од ЕУ веќе ги добија првите транши од фондовите на ЕУ во последните неколку недели. Комисијата планира годинава да издаде обврзници и државни записи до 80 милијарди евра за финансирање на исплатата на првата транша на членките на ЕУ.