Банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и сигурноста во работењето, се наведува во Извештајот за финансиска стабилност во Република Северна Македонија за 2020 година, којшто вчера беше усвоен од страна на Советот на Народната банка.
Притоа, тој оствари раст на активностите и придонесе за ублажување на економските последици од корона-кризата. Растот на изворите на финансирање, главно придвижен од растот на депозитите на домаќинствата, банките го насочија кон продолжено кредитирање на приватниот сектор, во поголем дел кон домаќинствата, но и кон корпоративниот сектор. Солвентноста на банкарскиот систем е стабилна и забележа натамошно подобрување, исто како и ликвидноста. Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа, со натамошно задржување на стапката на нефункционални кредити на релативно ниско ниво.
Во Извештајот се посочува дека за добрата подготвеност на банкарскиот систем за справување со шокови важна улога има внимателното однесување на самите банки, но исто така и зајакнувањето на регулативата во преткризниот период, што придонесе за натамошно јакнење на солвентноста и на ликвидноста на домашните банки. Мерките и одлуките што ги презеде Народната банка како одговор на пандемијата насочени кон воздржување од исплата на дивиденда од страна на банките, пратија јасен сигнал до нив за потребата од градење натамошен капитален потенцијал, што се согледува преку јакнењето на солвентноста, главно како резултат на реинвестирање на добивките на банките.
Заради подетална оцена на ризиците и на подготвеноста на банкарскиот сектор за справување со шокови во специфични услови на пандемија, Народната банка ја прошири рамката за стрес-тестирање на банкарскиот сектор. Покрај редовниот макрострес-тест, за првпат беше спроведено и сеопфатно и конзистентно, индивидуално стрес-тестирање, за секоја банка поединечно. Резултатите од стрес-тестирањето, според двата пристапа покажаа дека заштитните слоеви на капиталот, што ги изградија банките во претходниот период, обезбедуваат соодветна заштита од ризиците и овозможуваат натамошен раст на кредитирањето кон домаќинствата и кон корпоративниот сектор.
Согласно со заклучоците во Извештајот, капитално финансираното приватно пензиско осигурувањеи во текот на 2020 година продолжи да остварува раст на акумулираните средства и позитивни стапки на принос, иако забележително намалени под влијание на пандемијата и променливоста на финансиските пазари. Предизвиците за пензиските фондови во следниот период се врзуваат со времетраењето на здравствената криза и ефектите врз финансиските пазари, особено во услови на историски ниски каматни стапки што влијаат врз приносот од инвестирањето.