Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестициите Фатмир Битиќи и со градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски, денеска извршија увид во комплетно опремениот Туристички центар во реновираното поранешно училиште „Страшо Пинџур” во Вевчани.
„Навистина е чест и задоволство, надополнети и со чувство на гордост, кога сте дел од проекти и иницијативи кои се реализираат со силна определба за одговорност кон граѓаните, со почит кон традицијата и минатото и со потенцијали за идни придобивки од суштинска важност за граѓаните и за заедницата. Таков проект, кој ги обединува сите овие фактори, е Туристичкиот центар „Вевчани”. Центар каков што би посакале и најмодерните европски општински средини”, истакна премиерот Заев во изјавата по повод настанот.
Пред да се реконструира овој објект, беше зграда на старото основно училиште „Страшо Пинџур” – Вевчани. Самиот објект преставуваше импозантна градба изградено од 1948 до 1951 година од страна на вевчанските неимари и токму наследниците на тие градители учествуваа во неговата ревитализација и нова функционалност.
„Во 2016 година кога во предизборната кампања го посетив Вевчани руинираниот објект на некогашното училиште, ветив дека тука ќе никне нов модерен, мултифункционален Туристички центар „Вевчани”. И еве, денес стоиме пред комплетно реконструираната зграда со модерно партерно уредување”, рече премиерот Заев.
Туристичкиот центар „Вевчани” е модерен мултифункционален објект чија корисна површина е 1.400 м2, опремени се голема конгресна сала, неколку сали за семинари, музејска просторија за презентирање на флората и фауната од заштитеното подрачје Споменик на природа „Вевчански извори” и планината Јабланица, со инфо центар, продавница за сувенири, отворена галерија за промоција на богатото културно наследство на Вевчани, со опрема за функционално уредување на мултимедијален туристички центар и за дизајнирање и печатење на промотивни материјали, како и простории со други придружни содржини како што се фитнес и бодибилдинг сала.
„Наместо да биде оставена на забот на времето, со тотално руиниран и оштетен кров, денеска во центарот на Вевчани имаме модерен објект кој ги задржа архитектонските обележја за да биде споменик на неговите градители, но доби нова функција соодветно на новите потреби на заедницата и на регионот. Со овој објект се овозможува промоција и развој на туризмот не само на Вевчани, туку и на целиот овој регион кој пошироко со Дебар и Дебарца, со Струга, Охрид, регионот Преспа, па дури и Пелистер и Битола, претставува еден од нашите најсилни и најатрактивни туристички потенцијали”, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестициите Фатмир Битиќи истакна дека Туристички центар „Вевчани” којшто е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, кој се спроведува во заедничка соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија, Делегацијата на Европска Унија и канцеларијата на Светска Банка, преку кој се спроведуваат 57 потпроекти во 10 туристички дестинации.
„Проектот за локална и регионална конкурентност се реализира во вкупна вредност од околу 21 милион евра и Програмата ТАВ, со која се реализираат 94 инфраструктурни проекти во речиси сите општини, во вредност од речиси 50 милиони евра, се одличен показател дека оваа Влада, како ниедна претходно, е насочена кон рамномерниот регионален развој и обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните и поквалитетни услови за локален економски развој на стопанството низ целата држава. Туристичкиот центар во Вевчани ќе ја зголеми атрактивноста на оваа дестинација и ќе збогати искуството со кое ќе се здобијат туристите при посета на Општина Вевчани”, потенцираше Битиќи.
Градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски во својата изјава рече дека со реализацијата на овој проект конечно е остварен сонот на вевчанци за реконструкција на старата училишна зграда, и дека со Туристичкиот центар се отвораат можности за развој на локалните капацитети и овозможуваат подобрување на атрактивноста на општината, на Струга и Охрид и поширокиот регион.