Стартува реализација на најголемиот капитален проект од 50 милиони евра во преносната енергетска мрежа за поврзување на С. Македонија и Албанија

168

Започна изградбата на капиталниот проект кој е од големо стратешко и енергетско значење, новата 400/110 киловолтната трансформаторска станица, во близина на Охрид, што во пракса значи реализацијата и на 400 киловолтниот далекувод за поврзување на електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија.

Премиерот Зоран Заев во своето воведно обраќање на настанот во организација на МЕПСО, истакна дека со оваа инвестиција, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија.

„Инвестицијата за овој капитален проект е од огромно регионално значење и изнесува 50 милиони евра. Станува збор за најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во земјава, која согласно предвидената динамика на работа се очекува да биде завршена во 2023 година. Изградбата на 400 киловолтниот интерконективен далекувод Битола – Елбасан, значи и комплетирање на енергетскиот Коридорот 8, кој е составен сегмент од еден многу поголем и исклучително значаен проект што вклучува експлоатација на енергетските ресурси од кавкаскиот регион и од Централна Азија кон земјите од Западен Балкан и Италија. Република Северна Македонија има пет интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво. Две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Со поврзувањето на електропреносните системи на Северна Македонија и Албанија, го заокружуваме процесот на поврзување на нашата земја со електропреносните системи на сите соседни земји. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас така и за целиот регион”, рече Заев и додаде дека со оваа капитална инвестиција испраќаме порака до сите сегашни и идни домашни и странски инвеститори дека се создадени услови за сигурен и доверлив пренос на електрична енергија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши во своето обраќање истакна дека и во време на пандемија и економска криза, Владата не застанува со инвестициите во инфраструктурата, пред се во делот на енергетиката и обезбедување на енергетската стабилност во државата.

„Изградбата на интерконективниот далековод 400 кв помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија ќе придонесе во делот на поврзувањето и регионалното интегрирањето на енергетските пазари во регионот. Ќе ја подобри сигурноста во снабдување со електрична енергија и ќе биде новиот автопат за пренос на електрична енергија кој ќе овозможи пристап на сите економски оператори до енергенси и конкурентност на цени. Преку зголемување на регионалната соработка на полето на енергетиката, гледаме голема можност и потенцијал за креирање на одржлива и развојна економија. Реализација на проекти кои што се за интерконекција на енергенсите со останатите земји се наш приоритет. Покрај изградбата на далноводите за енергетско поврзување значајни се и проектите за гасно поврзување со земјите од регионот, што на крај бенефит ќе имаат сите граѓани со пониски и поконкурентни цени на енергенси”, рече Бектеши.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека со овој проект обезбедуваме квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството и исто така ги надминуваме и решаваме предизвиците кои постојат во југо-западниот дел од преносната мрежа.

„Во целиот овој процес АД МЕПСО е клучно и со овие два капитални проекти ќе бидат поврзани електро-енеретските преносни системи на Република Северна Македонија со останатите соседни земји и ќе бидат во позиција и можност да си помагаат едни на други секогаш кога ќе има потреба. Сите овие вложувања придонесуваат за стабилност на електро-енергетскиот систем, дополнителна сигурност, се намалуваат трошоците за одржување и најважно, добиваме поголема доверба на граѓаните и на реалниот сектор за оваа мрежа на достава. Инвестираме, модернизираме и се поврзуваме со регионот, со Балканот и со цела Европа. Преку вакви проекти испраќаме порака до сите инвеститори, домашни и странски, дека создаваме услови за работа и дека потребите, во однос на електрична енергија, на сите ќе бидат задоволени”, рече Бочварски.

Директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани рече дека инвестициите и осовременувањето на преносната мрежа се приоритет.

„Денес заедно поставуваме камен темелник на досега најголемиот, еден од најзначајните проекти во историјата на МЕПСО, но и пошироко во регионот, кој јас би го нарекол „Виа Игнациа Енергиа”. Ова инвестиција со вкупна вредност педесет милиони евра, која е финансирана со грант од 12 милиони на WBIF, 37 милиони кредит од ЕБОР и сопствени средства на МЕПСО, опфаќа неколку компоненти, меѓу кои најзначајни се 400 kV-ниот далекувод ТС Битола 2 – албанска граница и оваа Трафостаница што денес ја започнуваме. Трафостаницата има 400 kV-тен влез и излез, и три 110 kV-ни излеза кон Охрид, Струга и Ресен. Договорот е потпишан во јануари 2020 година со Хрватската компанија „Кончар”, избрана на меѓународен тендер, и е предвиден да трае до април 2023 година. И покрај тешките услови предизвикани од пандемијата, ние успеавме со само неколку недели задоцнување да го започнеме овој голем проект и цврсто сме убедени дека ќе го завршиме во предвидениот рок”, истакна Рамадани.

Илир Бејта, заменик-министер за енергија и инфраструктура на Албанија рече дека овој капитален проект ги отвора можностите за нови инвестиции и упати голема благодарност за заедничката соработка.

Во завршницата на настанот со зборови на поддршка и благодарност се обратија и директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој Анди Аранитаси како и Џулијан Васало, заменикот-шеф на Делегација на ЕУ.