Креаторите на политиките, претставниците на меѓународните институции, на граѓанското општество, академици, експерти, деловната заедница, како и сите засегнати страни кои можат да делуваат кон подобрување на политичкиот дијалог за економски и финансиски теми од национален и регионален интерес ги собра на едно место првата Годишна конференција на Министерството за финансии која се одржува денеска и утре во Скопје.
Конференцијата, која има за цел да прерасне во форум за размена на идеи, ја отворија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Економскиот форум е Прва годишна конференција на Министерството за финансии на кој ќе ги разгледаме прашања за економско опоравување и развој по ковид. Оваа дебата треба да прерасне во една арена за дебата за реформите во економијата. Ова е нова иницијатива на Министерството за финансии со цел да се олесни и да се овозможи дебата за најважните теми за Република Северна Македонија и Југоисточна Европа“, рече министерот Бесими на отворањето на Конференцијата.
Според министерот она што ја прави конференцијата единствена и специфична е што доаѓа во едно време на пандемија, најголема здравствена и економска криза на овој век, во која како човештво се соочивме со доста големи загуби, загубивме животи, загубивме доста блиски луѓе, некои загубија блиски роднини, пријатели, колеги, други пак ги загубија работните места, поранливите категории се соочија со поголеми потешкотии, многу дејности се затворија.
„Тука сме денес да кажеме дека нема да не победи ковидот. Ние сме дел од една глобална алијанса за борба против ковидот и денес тука ќе зборуваме за опоравуање и не само за тоа, туку и за повеќе од опоравување, ќе зборуваме за раст, развој, подобар, забрзан развој, зелен развој, истакна министерот за финансии.
Потсети дека минатата година се соочивме со најголем пад на БДП во споредба со изминатите три децении. -Предвидовме, рече, пад од 4,5 проценти на БДП во 2020 година и според нашите пресметки тоа ќе беше и поголем, но успеавме да го олесниме да го намалиме да не стане тоа 8,7 проценти. Потрошивме 11 проценти од БДП како фискално олеснување за да се поддржи економијата, здравствениот сектор, да се заштитат работните места и да се помогне на економијата да се опорави. Имаше мерки за ранливите категории, да се зaчуваат работните мста, да се помогне на бизнисите да ја преживеат кризата. Делувавме на страната на понудата и потрошувачката. И продолжуваме во 2021 година со два дополнителни пакета кои се таргетирани и се повеќе со развојна компонента, вклученост на инвестиции и зголемувње на бројот на вработени со цел опоравувањето да прерасен во развој, рече министерот Бесими на Првата годишна конференција на Министерството за финансии.
Потенцира дека нашиот одговор преку политики да се заштитат животите и да се спаси економијата значеше фискален притисок и долг, но дека сме одлучни да се фокусираме на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, согласно фискалните правила на 3 проценти, односно 60 отсто од БДП.
„Учиме од минатото, да делуваме во сегашноста, а се подготвуваме и за иднината. Проектиравме за годинава раст од 4,1 процнет и просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години. Со цел да осигураме дека ова нема да остане само желба подготвивме финансиски палн за забрување на економијата со цел да се опорави економијата по ковид и да се овозможи забрзан и одржлив развој, истовремено со одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од буџетот“, рече Бесими.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање потенцирајќи дека националната економија е стабилна и ќе расте соопшти дека после една година, според денешните официјални статистички податоци можеме да кажеме дека кризата и официјално одминува и економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe.
„Во вториот квартал од годинава согласно статистика регистриран е позитивен раст на бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. Во првата половина од годината ќе биде 5,6 проценти. За годинава проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 10,6 отсто, бруто-инвестициите раст од 8 отсто“, рече премиерот Заев.
Потенцира дека остануваме посветени на подигнување на стандардот и условите за живот во Северна Македонија.
„Пандемијата не научи дека е неизбежно да се обединат општествата, владите и компаниите, да се адаптираат на новата реалност и да се дизајнираат политики фокусирани на градење на еднаквост, инклузивност и одржливост на економиите, рече премиерот и додаде дека она што следи понатаму, е подобрување на инвестициската и бизнис клима, отпорност на шоковите, осврт кон зелените инвестиции и дигитализацијата, зајакнување на здравствениот и едукативниот систем како основа за човечкиот капитал, зајакнување на националните институционални капацитети и истовремено одржување на фискална консолидација“, истакна премиерот.
Најави дека владиниот економски тим континуирано и посветено работи на подготовка на планови за идниот среднорочен развој на државата. „Во таа смисла, Интервентниот План за Инвестиции 2021-2027 ги опфаќа сите инвестиции кои се планира да отпочнат во земјава, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашни и странски инвеститори. Тоа е стратешки документ со дефинирани елементи, како вредност на инвестиции, клучни инвестициски области, инвестициски пристап итн. Како комплементарен план на Интервентниот План за Инвестиции 2021-2027, е подготвен и Планот за здравување и финансирање на забрзан раст, рече премиерот.
Основна цел на Планот е да го финансира закрепнувањето на економија од Ковид-19, како и да поддржи забрзан одржлив раст, при едновремено одржување на фискална стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор како дополнување на буџетските средства и задолжувањата. Планот дава комплетна слика околу пристапот, односно создавање на законски можности за спроведување на истото.
Како што истакна, планот дефинира прецизно поставена владина структура на единици и поделба на ингеренции кои ќе водат до успешна имплементација. Првпат велиме да воспоставиме Delivery Unit, Monitoring Unit и PIMA преку кои ќе имаме навремен целосен увид за одредени приоритети, реализација, слабости, пречки и најургентни задачи. Јас искрено верувам дека ова е начинот да ги совладаме институционалните слабости и да ги зајакнеме нашите капацитети, потенцира премиерот Заев.
Учесниците на конференцијата во шесте панели, кои ќе се одржат денеска и утре имаат единствена можност да дискутираат за создавање макроекономски политики, јавни финансии, стурктурни реформи, мобилизација на приватен капитал, подобрување на регионалната соработка.
Идејата за организирање на оваа меѓународна конференција произлезе од заложбата на Министерството за финансии како институција за промовирање и спроведување инклузивен дијалог со социјалните актери. Оваа конференција треба да ги постави темелите и во иднина да прерасне во конференција со традиција и силно влијание во регионот и во Европа.