Европа сака универзален полнач за мобилни – еден технолошки гигант се противи

83

Европската Унија планира да воведе универзален полнач за мобилни телефони и таблети, според предлогот на Европската комисија кој вчера беше претставен.

Според предлогот, USB-C конекторот ќе стане стандардизиран полнач за сите паметни телефони, таблети, камери, преносни звучници и рачни конзоли за видеоигри, а полначите исто така ќе се продаваат одделно од електронските уреди, пренесува Ројтерс.

ЕУ работи на ова повеќе од десет години, а Европската комисија ги потенцира придобивките за животната средина и 250 милиони евра годишна заштеда за корисниците.

Според Ројтерс, овој потег најверојатно ќе влијае на Apple повеќе отколку на ривалите на американскиот гигант.

Имено, корисниците на iPhone и Android уреди веќе долго време се жалат на употребата на различни полначи за нивните телефони. Телефоните на Apple се полнат со помош на lightning кабел, додека уредите со оперативен систем Android се полнат со помош на USB-C конектор.

Сепак, комисијата рече дека нема за цел да ѝ наштети на американската компанија и дека ја донела оваа одлука бидејќи компаниите не успеале да се договорат за заедничко решение и покрај десетгодишните разговори во кои бројот на полначи за мобилни телефони беше намален на три од 30.

Apple, сепак, го одби предлогот на Комисијата.

“Ние и понатаму сме загрижени дека строгите регулативи што пропишуваат само еден тип конектори ја задушуваат иновацијата, наместо да ја охрабруваат, што пак ќе им наштети на потрошувачите во Европа и во целиот свет“, се вели во соопштението на американската компанија.

На предлогот му треба “зелено светло“ од земјите на ЕУ и законодавците на ЕУ, по што компаниите ќе имаат две години да ги прилагодат своите уреди.