„Нож во грб“: Германската поддршка за Северен тек 2 го шокираше Киев

53

Одлуката на германската влада во заминување да го поддржи гасоводот „Северен тек 2“ го шокираше Киев, изјави во интервју за германски „РНД“ амбасадорот на Украина во Германија, Андреј Мељник.

„Северен тек 2“ останува нож во грбот на Украина, што предизвикува огромно губење на довербата во Германија во наредните децении“, рече украинскиот амбасадор.

Како што прецизираше, украинските власти биле шокирани што на последниот работен ден на старата федерална влада, германското Министерство за економија заклучило дека сертификацијата на гасоводот нема да ја загрози безбедноста на испораките на гориво за Германија и Европската унија.

Мељник се пожали и дека Берлин не се консултирал со Киев за време на процесот на разговори за проектот, што тој го нарече прекршување на обврските од Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ.

Затоа, според дипломатот, украински „Нафтогас“ побарал да учествува во сертификацијата на гасоводот за да докаже дека „Северен тек 2“ „никогаш не треба да биде пуштен во употреба“.

Освен тоа, амбасадорот рече дека поради пуштањето на гасоводот, Киев може да загуби до три милијарди евра годишно, или околу девет отсто од буџетските расходи, што би било „погубно за економијата на земјата“.

„Северен тек 2“ е веројатно најголемата геополитичка грешка на владата во заминување, која претстојната коалиција мора да ја исправи за да ја врати изгубената доверба“, рече Мељник.

Компанијата „Газпром“ во септември објави дека е завршена изградбата на гасоводот „Северен тек 2“. Другиот крак од гасоводот „Северен тек 2“ ќе се полни со гас до крајот на годинава, најави претходно директорот на компанијата „ОМВ“, Алфред Стерн.