Првиот компјутер на Епл, направен од основачите на компанијата, Стив Возниак и Стив Џобс, во 1976 година, беше продаден за 400.000 долари на аукција одржана во САД.
Реткиот компјутер Епл-1 со куќиште направено од дрво е еден од само 200-те што се произведени и продадени, а досега имал само двајца сопственици, еден професор на факултет и неговиот студент кому му го продал компјутерот за 650 долари. Заедно со компјутерот, новиот сопственик ги добил оригиналните упатства за употреба и касетите.
Стив Џобс и Стив Возниак, како и Роналд Вејн ја основаа Епл на 1 април 1976 година во гаража во Калифорнија, а за да го финансира производството, Џобс го продал своето комбе фолксваген мајкробас, додека Возниак се откажал од калкулаторот ХП-65.
Компјутерите Епл-1 беа продавани за 666,66 долари бидејќи Возниак сакал да повторува броеви. Се верува дека моментно во светот функционираат 20 примероци од овој компјутер.
Цената од 400.000 долари не е рекорд за Епл-1, бидејќи еден примерок беше продаден во Њујорк во 2014 година за 905.000 долари.