Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го назначи Нуредин Небати за нов министер за финансии, откако актуелниот министер Лутфи Елван поднесе оставка поради падот на лирата на рекордно ниско ниво.
Одлуката за назначувањето на Небати, кој беше заменик-министер за финансии, е објавена во Службен весник, во која се наведува дека Елван побарал „да се пензионира од работа“ и дека неговото барање било прифатено, јавува „АП“.
Неговата оставка доаѓа по последователниот пад на турската лира на историски најниско ниво поради загриженоста за владината економска политика, по серијата намалувања на трошоците за задолжување и покрај зголемената инфлација. Турската валута загуби околу 40 отсто од својата вредност од почетокот на годинава.
Ердоган е категоричен дека високите каматни стапки предизвикуваат инфлација, за разлика од конвенционалното економско мислење, и јасно стави до знаење дека земјата ќе продолжи да ја намалува референтната каматна стапка.
Претседателот ослободи тројца гувернери на централните банки од нивните должности од 2019 година поради разликите по прашањето за каматните стапки.
Небати (57) има докторат по политички науки и јавна администрација, а на Твитер, по неговото назначување, објави молитва до Бога „да му ја олесни работата, а не да ја отежне“ и работата на неговото министерство „да биде успешна“.
Поранешниот министер Елван го смени зетот на Ердоган, Берат Албајрак, кој поднесе оставка минатата година.











