Човекот кој тврди дека го создал биткоинот победи во судски спор за оваа криптовалута во вредност од над 50 милијарди долари

Компјутерскиот научник Крег Рајт, кој тврди дека е изумител на биткоинот, во понеделникот победи во граѓанскиот процес против компанијата на починатиот поранешен деловен партнер, кој тврдел дека му должат половина од биткоините вредни повеќе од 50 милијарди долари.

Судската пресуда значи дека Рајт може да ги задржи сите 1,1 милион биткоини.

Компанијата на Дејв Клејман, пријател на Крег и негов соработник кој почина во 2013 година, тврдела на суд дека тие двајца заедно ја создале оваа криптовалута.

Иако Рајт може да ја задржи својата ризница на биткоини, судот сепак одлучил дека мора да плати 100 милиони долари отштета за неплатено интелектуално сопствеништво на компанијата „W&K Information Defense Research“ која Клејман и Рајт заедно ја основале.

Рајт веќе со години тврди дека токму тој е Сатоши Накамото, што е всушност псевдоним за таинствениот креатор на најпопуларната криптовалута на светот.

Наведените 1,1 милион биткоини се помеѓу првите биткоини стекнати преку крипто рударство, а експертите тврдат дека некој кој бил вклучен во тоа уште од почетокот секако имал пристап до дигиталниот паричник во кој се наоѓа наведената ризница на биткоини, чија вредност се проценува на околу 54 милијарди долари.

Но, на судењето не се одредувало прашањето за вистинскиот идентитет на Накамото, а двете страни тврделе дека Рајт или делумно или целосно е одговорен за создавање на познатата криптовалута.

Но, Рајт допрва треба да пристапи до гореспоменатиот дигитален паричник со 1,1 милиони биткоини, со што и еднаш засекогаш ќе докаже дека тој навистина е Сатоши Накамото.

Адвокатите на W&K Information Defense Research се задоволни од пресудата и отштетата од 100 милиони долари.