Почетна Новости „Нема да биде како во 1970-те“ – директорот на Голдман Сакс со...

„Нема да биде како во 1970-те“ – директорот на Голдман Сакс со предвидување за инфлацијата

Извршниот директор на Голдман Сакс, Дејвид Соломон, тврди дека инфлацијата ќе расте уште некое време, но не очекува повторување на растот на трошоците забележан во 70-те години од минатиот век.

„Постои разумна шанса инфлацијата да се зголеми во одреден временски период, но тоа не значи дека ќе биде како во 1970-те. Треба да се биде внимателен и соодветно да се управува со ризиците“, изјави тој во интервју за Си Ен Би Си.

Меѓународниот монетарен фонд минатата недела предупреди на засилување на инфлаторните притисоци, особено во САД и рече дека американските централни банкари треба повеќе да се фокусираат на инфлаторните ризици.

Соломон укажа на „неизвесноста” на глобалните финансиски пазари поради факторите кои ја вклучуваат Омикрон варијантата на коронавирус и на информациите за темпото со кое ФЕД и другите централни банки ќе го намалат купувањето средства.

„Сè уште не сме излезени целосно од пандемијата. Ова создава несигурност и оваа неизвесност ќе влијае на економската активност. Покрај тоа, имаме промени во фискалната и монетарната политика за да се обидеме да го балансираме ова. Нема сомнеж дека овој период е без преседан и е многу тешко да се предвиди како ќе излеземе од сето ова“, додаде Соломон.