Холограмите наскоро ќе ги заменат видеоповиците

189

Сè повеќе луѓе ги мразат видеоконференциите, особено затоа што пандемијата не принуди да ги користиме почесто отколку што е толерантно. Но, тука е новата ера во телекомуникациите. Доаѓа време кога ќе се среќаваме преку холограми.

Кога еден од најголемите светски швајцарски производители на часовници, Кристоф Гренџер-Хер, сфати дека не може да лета на следниот Светски саем во Кина поради ограничувањата за Ковид-19, тој реши да се проектира себеси на саемот – малку во стилот на „Ѕвездени патеки“. Гренџер-Хер, извршен директор на брендот за луксузни часовници IWC, се придружува на изложбата во Шангај со динамичен 3D холограм во природна големина. Појавувајќи се во 4K резолуција, тој се претставува и разговара со луѓето кои се физички присутни на настанот.

„Го емитувавме од неговата канцеларија во Шафхаузен, Швајцарија, на настанот во Шангај“, изјави Дејвид Нусбаум, шеф на американската компанија за холограми Portl, цитиран од Би-Би-Си. „Тој ја заврши својата работа – разговараше со други директори, па дури и претсави нов часовник, сето тоа во реално време!“

По наметнувањето на ограничувањата за патување низ светот во март 2020 година, интересот за употреба на динамични тридимензионални холограми нагло расте. Ова се 3D светлосни проекции на поединци. Секој холограм е реална, подвижна, „жива“ алтернатива на видео конференциите.

Portl е само една од компаниите кои развиваат технологии за динамични 3D холограми. Неговите портали се високи 2,5 метри, наликуваат на терминал за телепортација – изгледаат како големи кутии со стаклени капаци. Внатре во добро осветлената кабина е прикажан холограм во природна големина – се движи, се ракува, зборува, се смее. Порталите имаат вградени звучници за да се слуша „гласот“ на холограмот. Камерите и микрофоните се поставени однадвор, така што корисникот на холограмот може да ги гледа и слуша луѓето пред својата проекција.

Онаму каде што лицето е всушност физички – во дом или канцеларија, каде било во светот – треба да имате камера, едноставна позадина и комплет звучници и микрофони. Самите портали можат да бидат неколку на број. Емитувањето се потпира на интернет конекција.

„Речиси и да нема латентност“, рече Нусбаум. „И да не беше стаклениот лист пред холограмот, би помислиле дека човекот всушност бил таму. Всушност, ако на стаклото нема светлина за да не можете да го видите како се рефлектира, тогаш веројатно ќе помислите дека личноста е навистина таму.

Порталите се прилично скапи, од редот на 60.000 долари, но не треба да се купуваат – производителот може да ги изнајми за конкретни настани. „За неколку години ова ќе биде вообичаен начин за комуникација меѓу канцелариите“, додаде Нусбаум.

Технологијата за холограми на Microsoft се базира на слушалки наречени HoloLens 2. Тие се значително поевтини од системот Portl, но 3D холограмите не се реални. Наместо тоа, кога корисниците се јавуваат меѓусебно, нивните холограми се проектираат пред секој од нив како аватари, слични на цртаните филмови, кои изгледаат како да стојат во иста просторија.

„Изгледа дека се во ист физички простор и би можеле да шетаат околу виртуелна маса и да работат заедно на одредени предмети“, вели Грег Саливан, директор на проекти за мешана реалност во Microsoft.

Еден од првите корисници на технологијата беше германската инженерска групација Thyssenkrupp, која е еден од најголемите производители на лифтови и ескалатори во светот. Компанијата мораше да испрати техничари ширум светот за да ги направат потребните поправки. Сега овие вработени не можат да патуваат, туку наместо тоа користат HoloLens 2 за да се поврзат во холографска форма со локален техничар, водејќи го како да ја заврши работата.

Другите холографски технолошки компании се повеќе фокусирани на индивидуалниот потрошувачки пазар, како што е Ikin од Сан Диего. Таа развила и се подготвува да лансира уред кој човек ќе го прикачи на својот мобилен телефон – и ќе проектира во воздухот проѕирен 3D холограм на личноста, со која се остварува видео повик.

Гордон Вецштајн, вонреден професор по електротехника и компјутерски науки на Универзитетот Стенфорд, вели дека холограмите се „поефикасен начин“ за комуникација од видео конференциите. „[Со холограмите] можете да остварите контакт со очите. Можете да читате добри знаци“, рече тој.

Сепак, тој предупредува дека во иднина може да се појават проблеми доколку овие холографски слики станат толку реални што е невозможно да се разликуваат од вистинска личност. „Ако можете да создадете дигитални или синтетички искуства кои ќе се доближат до начинот на кој ја перципирате реалноста, вие сте поранливи на манипулации“, вели Вецштајн.

Назад во Portl, тимот е убеден дека холографската технологија ќе ги замени стандардните екрани за видео конференции за „пет години“. „Ќе го замениме секој павилјон со дигитален дисплеј во секој трговски центар, во секое лоби, за кратко време. Ова ќе биде новиот начин на кој бизнисите ќе сакаат да ја претстават својата содржина, без разлика дали е во живо или снимена.