Продажбата на куќи и станови на странци во Турција скокна за речиси 50 отсто на рекордно ниво во ноември, привлекувајќи милијарди долари девизи, бидејќи падот на лирата го направи купувањето многу поевтино за оние кои плаќаат во цврста валута, според статистичките податоци.
И покрај годишната инфлација од над 20 отсто, турскиот пазар на недвижности генерално беше жив во ноември, со вкупен раст на продажбата од 59 отсто на годишно ниво на 178.814 станбени имоти, според Турскиот институт за статистика, пренесува Ројтерс.
„Луѓето кои гледаат на недвижностите како средство за заштита од инфлација се одговорни за наглото зголемување на продажбата во ноември“, рече Макбуле Јонел Маја, генерален директор на агенцијата за проценка на недвижности TSKB, додавајќи дека влијание на поголемиот промет имале и пониските камати на кредити во државните банки.
Алтан Елмас, претседател на здружението на градежни компании и инвеститор, наведува дека приливот на девизи од продажбата на станбени згради во текот на 11-те месеци од годинава изнесува околу 8,5 милијарди долари, што ги надминува прогнозите на таа организација.
„До крајот на годината можеме да достигнеме 10 милијарди долари. Најголема поддршка за новата економска програма во наредниот период ќе биде продажбата на недвижен имот на странци“, рече тој.











