Турската лира ја затвори трговската сесија во понеделникот со раст од над 20 отсто, откако претседателот Реџеп Таип Ердоган најави серија мерки за кои рече дека ќе го ублажат ударот врз граѓаните од ослабената национална валута, истовремено ветувајќи дека ќе води политика со ниски каматни стапки.
Лирата, која во текот на денот падна за повеќе од 10 отсто на 18,4 лири за долар, по најавата на Ердоган забележа скок од 25 отсто на дневна основа на 13,15 лири за долар. Ова е досега најголемиот опсег на дневни промени на девизниот курс во текот на еден трговски ден, пренесува Ројтерс.
Од почетокот на годинава до сега лирата загуби 45 отсто од вредноста. По презентацијата на мерките од страна на Ердоган, на берзата се продадени приближно една милијарда долари, изјави претседателот на Здружението на турски банки.
Во говорот во понеделникот, Ердоган рече дека низата чекори ќе го олеснат товарот од падот на валутата во последните неколку недели и ќе ги охрабрат Турците да чуваат заштеди во лири наместо долари.











