Шри Ланка ќе плати 251 милион долари долг за нафта кон Иран со… чај

Шри Ланка ќе испрати чај во Иран за да го расчисти долгот за поранешен увоз на нафта. Стоката ќе се користи како начин на плаќање, пренесe Business Insider.

Секој месец, Шри Ланка ќе испраќа чај во вредност од 5 милиони долари за да го исплати долгот од 251 милион долари. Ова го изјави Рамеш Патирана, кој е министер на Министерството за плантажи на Шри Ланка, пренесe Би-Би-Си.

Државната компанија Ceylon Petroleum Corp. должи 250,9 милиони долари на Националната иранска нафтена компанија. Шри Ланка не успеа да го подмири својот долг со други средства бидејќи американските санкции ги забрануваат зделките со иранските банки.
Според Шри Ланка, договорот нема да ги прекрши санкциите на САД или на ОН.

Договорот доаѓа во време кога земјата се соочува со финансиски тешкотии. Се соочува со пад на девизните резерви од приближно 2 милијарди долари од август до 1,6 милијарди долари на крајот на ноември.