Мукаетов: Производите на Алкалоид во моментов се пласираат во повеќе од 40 земји низ светот

Земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари бидејќи нашите производи се познати таму веќе 85 години. Извезуваме и во Европската Унија, Русија и ЗНД, Северна Америка, како и во некои земји на Блискиот Исток, додека, пак, Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија и Саудиска Арабија се некои од новите пазари што ги додадовме на нашата листа во последните години, вели во интервју за српскиот магазин Магазин Бизнис, Генералниот Директор -претседател на Управниопт одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

Патот од 15 до 2.500 вработени

Во времето кога почна да работи, „Алкалоид“ беше основач на нова индустриска гранка, со само петнаесет вработени, во далечната 1936 година, како индустриски погон за екстракција на морфиумска база. Континуираните инвестиции и посветеноста на растот и на одржливиот развој придонесоа „Алкалоид“ денес да биде шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, со над 2.000 вработени во седиштето на компанијата во Скопје и со повеќе од 500 во странските филијали. Производите на „Алкалоид“ во моментов се пласираат во повеќе од 40 земји низ светот, а компанијата има сопствена маркетинг-мрежа од 20 канцеларии во 14 земји надвор од Северна Македонија.

Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје веќе 85 години дејствува во сферата на производството на лекови, козметика и на хемиски производи, како и на преработката на ботанички суровини. Успехот во работењето првенствено се должи на квалитетот на човечките ресурси, квалитетот на производите, брендот „Алкалоид“ и на индивидуалните брендови што го сочинуваат портфолиото на компанијата, кое го граделе генерации со години наназад.

„Инвестиции во нови технологии, целосна дигитализација на деловните процеси, удвојување на бројот на канцеларии на ‘Алкалоид’ надвор од Северна Македонија, отворање производство во Србија и формирање на Институтот за истражување и развој и на Центарот за контрола на квалитетот – во сето тоа ‘Алкалоид’ инвестираше повеќе од 200 милиони евра во изминатите 15 години. Сето тоа придонесе нашите пласмани да пораснат од 53 милиони на над 205 милиони евра, кои се очекуваат до крајот на оваа година“, вели Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ Скопје, одговарајќи на нашето прашање за клучните точки во развојот на компанијата, која одбележува 85 години од работењето. Како што се сеќава Мукаетов, скопски „Алкалоид“ пред 11 години отвори производствен погон во Србија.

Србија е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата во 2010 година започна со сопствено производство и каде што основаше големопродажба. Во Србија вработуваме 145 луѓе, што доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Во производствената програма на ‘Алкалоид’ во Србија имаме повеќе од 160 производи во делот на фармацијата. Тука е и нашиот бренд Becutan, со кој растеа и со кој растат генерации низ целиот регион. Во Србија инвестициската клима е поволна, а од погонот во Белград го покриваме пазарот на цела Србија. На долг рок планираме да го искористиме бесцаринскиот договор што го има Србија со Евроазиската унија (Русија, Казахстан, Белорусија и други земји).