Промовиран проектот „Моја еко торба“

Во рамки на реализација на проектот „Моја Еко Торба – Градиме Зелена Иднина“, од страна на Ротари Клуб Скопје Вест, со поддршка од страна на Сојуз на Ротари Клубови на Македонија, ПАКОМАК, Државното средно  училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ Скопје и Ротаракт Клуб Скопје, на 23-ти Декември, со почеток во 19:00 часот, се одржа мини-хепенинг, надополнувајќи  ја предновогодишната забава за посетителите на Скопје Сити Мол. Со овој настан, во позитивна предноводишна еуфорија со топол чај, греано вино и вкусни закуски се назначи официјален почеток на проектот, запознавање на јавноста со целите, како и долгорочните интереси и придобивки за севкупната заедница.

За време на настанот, секој од посетителите ја доби “својата еко торба“ и мал подарок за внимание, но и поттикнување на континуитет во однос на одржливоста на главната порака и цели на проектот. Имено, во фокус на проектот е заштита на околината преку намалување на употребата на пластични кеси, сепак, истото индиректно придонесува и за подобрување во други полиња, особено кога станува збор за заштита на човековата околина и грижата која треба да произлезе од секој од нас. Во врска со подигнување на јавната свест, од особена важност е да се поттикне на користење на материјали за секојдневна употреба кои не влијаат негативно врз животната средина.

Не помалку важна во својата суштина е и додадената вредност на самиот проект, преку ангажман на учениците од училиштето „Св. Наум Охридски“ Скопје, воедно училиште за стручно и работно оспособување и образование за ученици со посебни образовни потреби, кои го имаат главниот удел во изработката на еко торбите, преку нивна целосна обработка, односно шиење и печатење на истите.

Членовите на Ротари Клуб Скопје Вест, ги покануваат сите граѓани активно да учествуваат со својот личен пример и придонес кон одржливост, континуитет и прогрес на целокупната заедница, како и останатите организации и институционални капацитети.

За време на настанот, преку свое обраќање, претседателот на Ротари Клуб Скопје Вест за Ротаријанската 2021/22 година, Панделе Панделески, официјално го најави почетокот на реализација на проектот „Моја Еко Торба – Градиме Зелена Иднина“. Дополнително, беа доделени благодарници кон сите поддржувачи на проектот, во име на успешната заедничка соработка и поддршка.

Овој настан е само предводник во понатамошните активности на Ротари Клуб Скопје Вест, во име на градење на зелена иднина, правилно информирање на јавноста и поттикнување на повисоко ниво на свесност за зелени практики, како и употреба на материјали кои не ја оштетуваат животната средина, а ќе бидат промовирани во форма на форуми и други интерактивни настани.