Како мудро да ја користите електричната енергија: Трикови со кои ќе заштедите пари

Можеби повеќето не знаат мудро да „трошат струја“ во домаќинството, но вистината е дека со помош на овие трикови – не само што ќе заштедете пари, туку ќе покажете и еколошка свест.

Првата препорака е големите потрошувачи, ако можете, да ги користите навечер како на пример машините за перење алишта/садови. Дополнително може да ја користите опцијата за одложено перење со подесување на тајминг.

Домашните уреди се означени од „Г“ што е најниско до „А+++“ што се однесува на уреди кои се еколошки на максимум и штедат повеќе струја и вода.

Следете ги овие ознаки при купување нов уред. Можеби ќе платите малку поскапо за уредите со „А++“ или „А+++“, но значително ќе заштедите долгорочно. Тука спаѓаат бојлер, машина за перење/сушење алишта, машина за садови, фрижидер, клима уред, ТВ.

Сајтот monopolybuysellrent.co.uk објаснува дека уредот кој ќе остане приклучен на струја не троши значително, но го намалува векот на траење. На пример, многу од вас никогаш не го вадат полначот за телефон од струја, што секако е грешка. Се наведува дека полначот и натаму во ваков случај користи струја, без оглед дали уредот е приклучен или не, но потрошувачката на пари во ваков случај е занемарлив.

Кај перењето алишта, освен користењето на машината навечер доколку сте во можност, обидете се да перете на пониска температура ако алиштата не се многу валкани.

Препорака е и да користите детергент кој е креиран да работа подобро на пониски температури за да се постигне најдобар резултат. Внимавајте и за тоа што перете: се подразбира дека долната облека и пешкирите, на пример, ќе ги перете на повисока температура, но затоа направете компромис со другите алишта.

Не ја вклучувајте машината половично наполнета.

Кога се работи за готвењето, обидете се да печете повеќе оброци оддеднаш кога ја користите рерната, повеќе од едно ниво постои во неа со причина. Рерната е уште еден голем корисник на енергија, па подготовката на повеќе оброци истовремено ја намалува употребата на енергија, а вие штедите време и пари.

Потребно е многу енергија за загревање на рерната, особено ако постојано ја отворате за да ја проверите храната, па подобро е да видите однадвор дали јадењето е готово. Ако варите кафе, ставете вода колку што навистина ви е потребно бидејќи тогаш процесот на провривање на водата е пократок.

Потрудете се фрижидерот да го отворате што поретко, односно вратата да биде што пократко отворена.