Средношколци од пет стручни училишта за првпат ќе учат преку VR технологија

152

„Лабораторијата за стекнување на работни вештини преку Виртуелна реалност“ ја разви првата апликација за виртуелна реалност (VR) наменета за учениците во средните стручни електротехнички училишта.

Апликацијата овозможува нов иновативен, имерзивен концепт на учење преку создавање на вештачка, дигитално креирана средина во која прецизно се симулираат работни процеси поврзани со дијагностицирање и отстранување дефекти во електроинсталации. Апликацијата овозможува дигитален простор во кој учениците можат да вежбаат и да ги унапредуваат своите стручни вештини на поефикасен начин во контролирана и безбедна средина.

Изработената апликација, ќе се пилотира во пет средни стручни училишта во државата, а преку неа учениците ќе можат да се транспортираат во дигитален фабрички погон и да стекнуваат вештини за заштита при работа, движење во простории каде има опасен напон, работа со алати и инструменти, идентификување дефекти во електропростор и нивно отстранување.

VR апликацијата е подеднакво корисна и за компаниите од електроиндустријата, имајќи предвид дека овозможува 3Д симулација на работните процеси, со што може да се обезбеди и соодветна обука за вработените – вклучени во тие работни процеси.

„Лабораторија за стекнување на вештини преку Виртуелна Реалност“ е проект кој го разви Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21, а во 2020 година беше селектиран како финалист на глобалниот предизвик за работни вештини помеѓу 473 проекти од 100 земји. Проектот се реализира со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), а во соработка со Организацијата на работодавачи на Македонија.

Петте средни стручни училишта ќе добијат и соодветна ИТ опрема (компјутери и VR уреди), со цел целосно користење на придобивките од VR технологијата.

Претставниците на средните стручни училишта се едногласни дека ова е нов пристап на работа и настава во средното стручно образование. На овој начин, младите добиваат јасна, визуелна претстава за она што го учат од книгите, наставата добива поголема мултимедијалност, интерактивност, а стручните училишта стануваат поатрактивни за новите генерации.

„Информатичката технологија е наша реалност. Ако сакаме да одиме напред мораме правилно и продуктивно да ја користиме. БЛИНК 42 – 21 изминативе години се посвети на унапредување на образовниот систем преку нови дигитални решенија. Технологијата и обуката на младите и просветните работници за користење на овие уреди се нужност, бидејќи живееме во ера кога „ограничувањата“ не се опција. Неопходно е да се предочат позитивните страни од дигитализацијата, технологијата и ИТ-уредите, со цел да се користат за добро“, посочуваат Милан Танчески и Зорица Велковска, ко-основачи на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.

„Виртуелната реалност полека ја надминува фазата на додаток за забава, и сериозно се наметнува на пазарот за обуки. ВР-апликациите нудат безброј можности за стекнување нови технички и практични знаења во целосно безбедна средина, како и за прибирање податоци, приспособување на модулите, и нивна примена во други средини. „Лабораторијата за стекнување вештини преку ВР“ е еден од начините за учење и градење капацитет за полесно интегрирање на младите на пазарот на трудот “, истакна Наташа Симјаноска, проектен координатор на МОТ.