Големите меѓународни авиокомпании побрзаа да ги реорганизираат или откажат летовите до Соединетите држави поради загриженоста за безбедноста на летовите.
Ова дојде по веста дека AT&T и Verizon денеска ќе започнат со воведување на безжичната мрежа 5G, иако двата оператори рекоа дека ќе ја одложат таа активност во некои области.
Американската федерална управа за воздухопловство (FAA) предупреди дека сигналите 5G може потенцијално да влијаат на висината на летот, што игра клучна улога во слетувањето на некои модели на авиони при лоши временски услови, а авиокомпаниите велат дека предупредувањето првично се однесува на моделот Боинг 777.
И покрај најавата на AT&T и Verizon дека ќе го паузираат воведувањето на 5G мрежата во близина на аеродромот, некои авиокомпании сè уште ги откажуваат летовите или ги менуваат моделите на авиони што беа планирани на линиите за САД, пренесува Reuters.
Доцна синоќа, FAA започна со ажурирање на податоците за тоа кои аеродроми и модели на авиони ќе бидат засегнати, што се очекува драматично да го намали влијанието на претходните скоро 1.500 известувања издадени од овој регулатор во врска со ограничувањата на 5G мрежата.
Авиокомпанијата Емирати од Дубаи, која најмногу користи Боинг 777 во светот, објави дека од 19 јануари, датумот објавен за воведување на безжичната мрежа 5G во САД, ќе ги прекине летовите до девет американски дестинации.











